Тешка сообраќајна несреќа се случи на експресниот пат Штип-Кочани, во близина на ТИР зоната во Штип. Според првичните информации во несреќата животите ги загубиле две лица.

Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова потврди дека на овој експресен пат има тешка сообраќајна несреќа. Таа изјави дека во тек е увидот и обезбедувањето на местото на несреќата од страна на полицијата.

Несреќата се случила околу 14.25 часот, помеѓу две патнички возила.

– Млад кочанчанец и жена од Скопје се жртвите во несреќата на експресниот пат Штип- Кочани, неофицијално дознава Телевизија Стар.

– Кочанчанецот бил возач на патничкото возило Пежo, а починатата била совозач во патничкото возило Шкода со скопски регистерски ознаки. Возачот на Шкодата е повредениот и тој е пренесен во Клничката болница Штип. Идентитетот на починатата се уште не се знае, објави локалната телевизија.

ОД ПЕЖОТО НЕ ОСТАНА НИШТО: Откриен идентитетот и возраста на загинатите во трагичната сообраќајка кај Штип (ФОТО)

Две жртви има во тешката сообраќајна несреќа, која се случи денеска во 14.25 часот на експресниот пат Штип-Кочани во близина на индустрискиот дел на Штип и официјално потврди портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова во писменото соопштение лиферувано до медиумите. Жртвите се на возраст од 40 и 64 години, од Кочани од Скопје.

-На 20.04.2024 на експресниот пат Штип – Кочани во близина на индустрискиот дел Штип, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило “пежо” со кочански регистарски ознаки управувано од 40 годишниот А.Н. од Кочани и патничко моторно возило “шкода” со скопски регистарски ознаки управувано од 66 годишниот Б.Д. од Скопје. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот на пежото и сопатничката 64 годишната Л.Д. во шкодата, се вели во соопштението од СВР Штип.

Смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош Штип. Повреден е и 66 годишниот возач од Скопје, брачен другар на сопатничката во возилото шкода со скопски регистерски таблички. Префрлен е во штипскиот Клинички центар.

Увидот во несреќата од страна на полицијата и јавен обвинител се уште е во тек, а сообраќајот на експресниот пат од Штип до клучката кај Крупиште е затворен за сообраќај од 17 часот и 15 минути.

Сообраќајот се одвива по стариот регионален пат. Пред околу два месеци на истиот експресен пат, во близина на селото Жиганци се случи тешка несреќа, во која животите ги загубија две лица.

Возачите и жителите од источниот регион велат дека причини за сообраќајките на овој нов експресен пат се пред се брзото возење и непочитување на сообраќајните знаци.