Психологот Станислав Сашо Петковски во своето гостување во подкаст емисијата на Стефан Лазаров, говореше за смртната казна, за која деновиве се покрена голема дебата, откако четиринаесет годишната Вања Ѓочевска и 74 годишниот Панче Жежовски беа убиени.
Според Петковски, барањата за смртна казна за убијците се симптом на траума на општеството.
„Кога се воведуваат такви казни, треба да знаеме и колкава е довербата во судството, дали беа пет или седум проценти. Замислете да се воведе смртна казна, дали би сакале некој да биде осуден на смртна казна, кога довербата во судството е толку мала. Смртната казна за некој може да е и благослов, бидејќи тие не се плашат од неа. Тие се плашат од брза и ефикасна правда и ако спроведеме таква правда, на злосторниците ќе им биде многу потешко бидејќи ќе бидат осудени на пример на три доживотни робии“ вели тој.
Психологот додава и дека кај нас поактуелно е застарувањето на делата и амнестијата.
„ Ние имаме општествен систем каде повеќе се троши време на изготвување на закони кои овозможуваат застарување на делата или амнестија, а нема спроведување на брза правда, замислете да се спроведе смртна казна“ вели тој.
Во подкастот, Лазаров го прашува дали тоа значи дека постои опција неправедно осудени луѓе да добијат смртна казна, психологот се сложува.