Иако моментално нема безбедносна закана на теренот кога станува збор за нарушување на мирот во Босна и Херцеговина, присуството на силите на ЕУФОР се зголеми во последните денови, особено со влезот на преостанатиот дел од контингентот од 500 војници во земјата, пишува Индекс.хр.

Покрај тоа, командата на Алтеа (воената мисија на Европската унија во БиХ) ја прифати понудата на Франција денеска (07.03) со млазни авиони да започне со тренажни летови над БиХ. Како што се наведува, летовите ќе се одвиваат „преку Западен Балкан“, со авиони од типот Рафал, од носачот на авиони Шарл де Гол, кој моментално се наоѓа во Медитеранот, пишува Дојче веле.

Испраќање порака

– Во овие времиња, кога безбедносната рамнотежа во Европа е нарушена, ЕУ ја покажува својата континуирана посветеност и решеност да поддржи безбедна и стабилна средина во БиХ и на Западен Балкан, порачаа од командата Алтеа од ЕУФОР.

Безбедносната ситуација е стабилна на целиот Западен Балкан, велат аналитичарите, но посочуваат дека ниту една од овие вежби или движењето на копнените единици не се одвива случајно. Западот сака да испрати јасна порака, не само до БиХ, туку и до цела поранешна Југославија, дека работите нема да се променат.

– Засилувањата испратени од ЕУФОР се порака дека на БиХ се гледа како на потенцијален извор на криза и сака да дејствува превентивно. Со демонстрација на сила сака да и се покаже на Европската унија да гледа кон БиХ и да следи се што се случува во политичкото опкружување, изјави воено-политичкиот аналитичар од Белград Александар Радиќ.

– Секоја активност, од зајакнувањето на копнените сили до вежбите што се одржуваат, сето тоа е демонстрација на сила. Тоа е порака дека ситуацијата мора да остане стабилна, посочува Радиќ.

Нема страв од конфликт

На крајот на февруари, првата единица пристигна во БиХ како дел од распоредувањето на дополнителни 500 припадници на ЕУФОР. Ова активирање на резервите е „мерка за поддршка на веќе распоредениот персонал на ЕУФОР и партнерите во БиХ“. Распоредувањето на другите членови на воената мисија на Европската унија почна викендов, па така во БиХ ќе има 1.100 со овие 500.

– Сето тоа е во рамките на нивната мисија и со согласност на властите на БиХ, вклучително и претседателството. Единственото прашање сега е дали е време за такво нешто, особено за летови за обука, имајќи предвид дека луѓето веќе се доволно потресени од војната во Украина, вели Душко Вејновиќ, професор на Факултетот за безбедност во Бања Лука.

– Се создава психологија на страв, што би можело да биде, што би можело да се случи, дали етнонационалистите во БиХ би можеле да пробаат нешто… Апелирам до политичките елити да ги надминат сите разлики. А што се однесува до конфликт, нема шанси да биде на територија БиХ, убеден е Вејновиќ.

Медиумски притисок

Аналитичарите сметаат дека само медиумската пропаганда, која го достигна својот историски максимум во конфликтот меѓу Русија и Украина, може да предизвика дополнителна дестабилизација на Западен Балкан. Добар пример за тоа е неодамнешната покана од српското Министерство за одбрана за резервен персонал за изведување вежби овој месец. Дел од медиумите оваа активност ја опишаа како демонстрација на сила, пред се против околните земји.

– Проблемот е што оваа информација нормално би била под радар бидејќи е дел од рутината, додека сега е повеќе од важна. Војската на Србија врши редовни активности. Дури и безбедносните набљудувачи очекуваа некои вежби, но не поради војната во Украина , туку затоа што се ближат изборите во Србија. Речиси пред секои избори власта ја покажуваше армијата затоа што еден од адутите е покажувањето на армијата на гласачкото тело, рече Радиќ.

Од друга страна, вооружените сили на БиХ немаат никакви информации за безбедносната состојба во земјата или нивните можни активности во таа насока. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека во вакви ситуации на можно нарушување на стабилноста во земјата, вооружените сили на БиХ немаат капацитет да дејствуваат, од практични причини. „Најдобро спроведената реформа од Дејтон“ остави три национални полкови во вооружените сили, што во вакви ситуации, велат аналитичарите, го прави повеќе дел од проблемот отколку решение.

📷