Браќата Тавитјан со неверување и огромен шок ја примија веста за прераното заминување на Аки Рахимовски, легендарниот фронтмен на „Парни ваљак“, кој почина денеска во Ново место во Словенија.

-Тој требаше утре да допатува во Скопје да се видиме, а во план беше и нова музика. Нема зборови со кои би ја опишале тагата. Тој беше искрен, голем пријател и добар човек и покрај фактот дека беше најмаркантната рок икона, огромна легенда и гласот на најубавите песни со кои живеат генерации на Балканот и пошироко во своите најубави и тажни моменти. Го започна својот музички пат во Скопје каде и беше роден, со музичката група „Тор“ заедно со Гаро, Црногорец и Ани, за подоцна да замине во Хрватска каде стана вокал на легендарните рок гиганти „Парни Ваљак“, а останатото е историја. Беше крал и авторитет на големите сцени и арени“, изјави за Женски магазин музичарот Диран Тавитјан, евоцирајќи спомени од нивната семејна дружба со Аки, брат му Гаро и татко му Гарабет.

-Тој знаеше да дојде во студио и спонтано да уживаме музицирајќи до раните утрински часови, а така настанаа и некои песни. Редовно ги посетуваше пријателите и семејството во Македонија и се дружеше и сите го сакаа. Ни беше вистинска чест и привилегија неговото долгогодишно пријателство и соработка, а во вечно сеќавање преубавите дружења, концерти и моменти со него. Искрено сочуство до неговото семејство и бенд. Аки, те сакаме, вечен си, фала ти за се’!“, ни раскажа Дики Тавитјан.

Една од најубавите песни од проектот „Македонското срце чука во 7/8“, преработката на македонската народна „Сношти сакав да ти дојдам“ во која гитара свири Горан Бреговиќ, Тавитјан ја отсвиреа со Аки. Рахимовски беше гостин на повеќето нивни конецрти во Скопје, како и на најголемиот на 8 септември во 2012 година, на Градскиот стадион. Аки исто така беше чест гостин на „Златна Бубамара на популарноста“ и пријател со радио „Буба мара“. На него, со тага се присети и Каролна Гочева која ни ја раскажа нивната последна средба.

-Имам куп сеќавања со Аки од времето на нашата верзија на „Бела песна” која беше дел од кампања за борба против дрога во Хрватска, па тој период 2006/2007 постојано патував со него на различни концерти по регионов. Беше татковски поставен према мене и се’ нешто ме советуваше, ме караше. Тоа ми беше толку симпатично зашто во суштина беше мек, добар човек, а на сцена пак еден од најенергичните изведувачи кои овие простори ги паметат. Последно го сретнав лани, пролетта, на Максим Горки, со новата сопруга и бебенцето во количка. Едвај се препознавме маскирани…жал ми е што не се гушнавме ради пандемискиве правила. На заминување си рековме “ајде, па се гледаме некаде наскоро” но ете, толку било“, ни рече Каролина.