Шефот на руското црковно подворје во Софија, Васијан Змеев доби забрана за влез во Македонија, дознава Религија.мк. Рускиот архимандрит е на списокот на македонското МНР со уште тројца руски дипломати кои се протерани од Македонија.
Змеев е рускиот црковен претставник на Московската патријаршија, кој изминатава година имаше интензивни посети на Македонија и зачестени средби со Архиепископот Стефан и митрополитите Григориј и Петар. За време на една посета во манастирот Пантелејмон во Нерези служеше помен за загинатите руски војници. Ја има улогата на координатор на Балканот за руските црковни политики, со особено влијание во Бугарија и во Македонија.
Неофицијално Змеев последната година ги координирал сите политики на МПЦ ОА во однос на нејзината црковна дипломатија, што доведе до целосен застој во односите со Вселенската патријаршија за целосно приснавање на автокефалноста на МПЦ ОА.
По директен негов налог е и скандалозната синодска одлука дека МПЦ ОА ќе сослужува со Православната црква на Украина тогаш кога сите цркви ќе ја признаат нејзината автокефалност.
Претседателот Стево Пендаровски пред извесно време обелодени дека според информации од пријателски држави, некои владици на МПЦ ОА биле во соработка со руските безбедносни служби.