Дамнешна приказна но и денес звучи како поука и опомена за оние кои забораваат дека кога системот и локалните моќници ќе го дотераат човек во ќош…. 34 годишниот електричар од Горно Коњаре се вработува во скопска пивара. Вреден и чесен, станува прв синдикалец но брзо влегува во конфликт со социјалистичките чауши во фабриката. Набргу бива избркан и од работа и од партија. Еден февруарски ден во 1966 година, Томе за последен пат влегува во фабриката, со полн пиштол.
Деновиве на Јутјуб каналот „Досије БЈ“ е објавена сторија за овој случај. Овој случај од Скопје кој одамна подлегнал на забот на времето до таа мера што дури и Гугл останува глув и нем ако се пребарува за него.
Томе Стојановски бил 34.годишен електричар родум од селото Горно Коњари. Завршувајќи основно – отишол во Скопје да учи занает во фабриката `Кузман Јосифовски` откаде што отишол да служи во ЈНА за да се врати и да се вработи во МЗТ. Оттаму патот го навел во Скопска Пивара во почетокот на 1965. година.
Вреден, работлив и чесен до степен на наивност, Томе бил член на сите можни младински и `сениорски` комунистички организации, член на работничкиот совет на претпријатијата во кои работел а во Пиварата за брзо време станал претседател на синдикалната филијала.
И се` би било феноменално а патот кон Марксовиот рај отворен доколку Томе поради својот карактер не дошол во судар со реалноста во која раководството на фабриката било склоно кон малверзации, барем според она што се тврди во видеото
Иако смешни од денешна гледна точка, неправилностите во работењето на директорите изразено во протекција на `подобни` вработени, вработување на роднини и нивно поставување на помалку напорни работни места како и промовирање на местото кое по сета логика му припаѓало на Томе – воделе кон неочекувана кулминација…
Томе како синдикалец често ги критикувал и повикувал на одговорност раководните лица на Пиварата кои што биле градски моќници во тоа време. Веројатно Томе бил вистински поклоник на самоуправувањето но што му вредело тоа кога во Јануари 1966 бил отпуштен од работа. Томе верувал во системот и го покренал прашањето на неговото отпуштање пред општинскиот партиски комитет…потег кој не само што не му помогнал туку и довел до негово исфрлање од партијата!
Томе имал во план да оди на суд за да докаже дека е во право – кога до неговите уши стигнале гласините лансирани од неколку фабрички кодоши дека наводно спиел на работа, ѕиркал во женските вецеа, дека бил нервно растроен и уште многу слични муабети кои до срж го навредиле Томе. Дното било допрено во последните денови од работниот однос, кога не наишол на подршка од своите колеги кои приватно го подржувале, но јавно си молчеле за да не се замерат со управата.
Кобниот 10 февруари 1966
Се што му останало било многу гнев и пиштол Збројевка во популарниот калибар 7,65мм. И така Томе на 10.Февруари 1966 се вратил во пиварата за последен пат под изговор дека треба да се раздолжи околу алатот. Во алатницата очекувал да ги најде двајцата кодоши за кои разбрал дека го клеветеле, инженерот Владо Христовски кого го усмртил веднаш со еден истрел во главата и техничарот Божо Дапчевски кој бил убиен на идентичен начин.
Оттаму, Томе го продолжил походот кон управната зграда каде што го пронашол директорот Киро Ванински кој излегол да види што се случува – и добил три куршуми from point blank range.
Четвртата жртва бил секретарот Љубо Додевски во кој ги испукал преостанатите три куршуми во канцеларијата.
Томе излегол надвор, го оставил пиштолот на земја и изјавил нешто како `Јас своето го завршив, направив тоа што требаше да се направи. Викајте Милиција.` Ја сочекал милицијата и без отпор заминал во притвор.
Ликвидација на четири особи била нешто незапаметено за тоа време, сиромашно со тешки злосторства и серијски убијци, феномени кои ќе се појават многу подоцна, со транзицијата. Уште пошокантно било тоа што Томе не бил делинквент или на било кој начин поврзан со криминал и насилство. На судењето кажувал дека сакал со оружје да се бори против бирократијата и чиновниците кои го загорчувале животот на секој чесен човек, тврдења кои воопшто не му помогнале.
Бил осуден на смрт со стрелање, покасно по многу жалби случајот стигнал и до врховниот суд на Југославија кој неочекувано му ја заменил смртната казна со доживотна робија. Со затворената врата од ќелијата во Идризово се затворила и приказната за Томе Стојановски.
Приказната завршува со преиначувањето на смртната казна за Томе Стојановски во доживотен затвор во Идризово, благодарејќи на неговиот адвокат Филота Фила (татко на Тома Фила од познатото влашко адвокатско семејство од Битола).
Но, во коментарите на Јутјуб има и други детали од луѓе кои го познавале или преку родинин или лично. Според нив, некаде на почетокот на 80-тите Томе бил пуштен од затвор заради рак на белите дробови и не му давале уште многу живот. Но, заминал да живее во едно струшко село, собирал лековити билки и целосно се опоравил од болеста. Сите го паметат како добар и чесен човек. Во други коментари се вели дека Томе не е веќе меѓу живите.
Не е позната понатамошната судбина на Томе, ако тогаш имал 34, денес би имал 83. години така што не е незамисливо дека би бил сеуште жив. Колку време поминал во затвор, дали бил помилуван, дали го доживеал распадот на системот и што се случило останува мистерија.
(извори: ygeneration99.blogspot.com/ off.net.mk/ Dosije BJ)