Австриската полиција ги истражува околностите за смртта на двегодишно момче, кое ноќта меѓу средата и четвртокот починало како последица на смрзнување, а било пронајдено утрово.

Двегодишно момче во Австрија премрзнало додека ги барало своите родители. Според информациите на германската новинска агенција, момчето излегло од дома ноќта кога 31-годишниот татко и 28-годишната мајка биле на гости кај соседите.

Утрово детето било пронајдено без знаци на живот во гаражата на соседот. Обидите за реанимација на лекарот од брзата помош не успеале.

Родителите го оставиле детето само дома во гратче во близина на Линц во Горна Австрија, во близина на границата со Чешка.

Родителите со себе носеле „бејби фон“ кој требало да им сигнализира, но најверојатно истиот не бил во исправна функција. Во текот на ноќта на ова место преовладуваа температури и до минус десет степени.

Властите истражуваат можно убиство од небрежност.