По четири месеци, конечно семејството на 20-годишниот Љупчо Лешков успеа да го добие извештајот од обдукцијата. Во извештајот на судската медицина се вели дека Љупчо починал од електричен удар.
Но, семејството има сомнежи дека целиот случај започнал да се истражува погрешно, бидејќи објектот во кој тој починал, а кој бил изнајмен за да се слави роденден, воопшто немал лиценца за електротехничка инсталација.
Според родителите на младиот човек, неадекватната инсталација на струјата довела до трагедијата. На која фаза е истрагата и зошто од самиот почеток не е побаран овој документ од сопственикот на објектот, прашавме Јавниот обвинител.
„Обвинителството оваа недела испрати барање да се провери како е направена електротехничката инсталација на објектот. Верувам дека тоа треба да биде готово за околу 30 дена, но може да биде готово и порано. Исто така, се сослушани сведоци, а имаме и извештај од вештачењето“.
Кога беше прашана дали е доцна да се побара ова од сопственикот по четири месеци, обвинителката од предметот одговори дека имаат фотографии од вештачењто на ноќта кога се случила трагедијата.