Вечерва, во тек е полициска акција на забава на малолетници во локал кај “Влашките гробишта“ во Битола, на која голем број на полициски службеници ги контролираат присутните, скоро сите малолетни лица, а според некои од родителите ги има околу стотина, за конзумирање на алкохол и други недозволени средства, јавува локалниот портал Битола Њуз.
Во акцијата се легимираат сите малолетници и им се врши веднаш алкотест во присуство на родител. Родителите на малолетниците се присутни пред објектот, и за секој малолетник се составува записник без разлика има или нема користено алкохол.
Сите родители без исклучок ја поздравија акцијата на битолската полиција и им дадоа поддршка на полициските службеници и упатија апел ваквите контроли за користење на алкохол, да се прошират и со тестови за употреба на наркотици.
Без разлика колку ќе трае легитимирањето, тестирањето и составување на записникот, родителите рекоа дека се трпеливи и дека сакаат да знаат каде излегуваат нивните деца, дали таму се служи алкохол и дали тие се конзументи.