Русија објави дека употребила термобарична бомба против украинските сили. Ова беше кажано за време на најавата за „антитерористичката“ операција, која е одговор на упадот на Украина во Курск, пишува „Sky News“.
Според руското Министерство за одбрана, борбите продолжуваат во западниот регион Курск. Руската војска изврши воздушни напади врз украинските сили, а во овие напади се користеле термобарични бомби, познати и како вакум бомби, кои можат да ги „здробат“ човечките тела поради екстремниот притисок и температура при експлозијата.
Ова не е првпат Москва да користи термобарични бомби, бидејќи украинските власти тврдат дека тие биле користени во инвазијата само неколку недели откако започна во февруари 2022 година.
Користењето вакум бомби не е кршење на меѓународното право, но таргетирањето цивили со нив е. Вакумските бомби, познати и како термобарични експлозиви, работат во две фази.
Првиот дел е експлозивно полнење кое го распрснува горивото во облак кој потоа може да влезе во зградите или околните структури.
Во втората фаза ослободува облак кој предизвикува огромна огнена топка и буквално го „цица“ кислородот од околните места предизвикувајќи застрашувачки ударен бран.
Ефектите од топлината и притисокот се ужасни – секој што ќе биде фатен во првата експлозија веднаш би бил запален. Секој фатен во областа би претрпел тешки внатрешни повреди од ударниот бран.
– Тие првенствено убиваат создавајќи исклучително моќен ударен бран кој ги „кине“ органите и ги гори белите дробови велат експертите.
Според нив ударниот бран се шири во затворени простори, па затоа е особено смртоносен за луѓето во затворени места како подруми или пештери.
Тие создаваат и екстремно високи температури од неколку илјади степени и можат да предизвикаат страшни изгореници.