Украинската армија тврди дека досега заробила речиси 200 војници, a 3.500 руски војници го загубиле животот. Тие додаваат дека Русија загубила 14 авиони, 8 хеликоптери и 102 тенка, јавува Би-Би-Си.

Русија засега не признава дека има жртви меѓу нејзините војници.

Потсетуваме дека во тек е третиот ден од руската инвазија на Украина, фокусот е на борбите во Киев. Руските сили вчера влегоа во предградијата на градот, каде се слушаа истрели и одекнаа експлозии.

Украинскиот претседател Зеленски утринава објави видео од центарот на Киев. Тој истакна дека се уште е во Киев и дека нема да го остави оружјето, туку ќе ја брани својата земја. Утрово пристигна информација дека Зеленски ја одбил понудата на Вашингтон да го евакуира од Украина.

Вчера Путин ја повика украинската армија да го собори нејзиното раководство, кое го нарече „банда наркомани и неонацисти“. НАТО најави дека ќе распореди дополнителни војници во источноевропските земји. Вчера ЕУ воведе санкции за Владимир Путин и Сергеј Лавров, а нов пакет санкции воведоа и САД и Велика Британија.