– Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников го нарече терористички рускиот ракетен напад врз воената база Меѓународен центар за мир и безбедност, која се наоѓа западно од Лавов, на 25 километри од полската граница.

– Ова е нов терористички напад врз мирот и безбедноста во близина на граница на ЕУ-НАТО. Мора да се преземе акција за да се запре ова. Затворете го небото!, повика тој.

Резников претходно изјави дека во објектот работеле и странски воени инструктори, но не е јасно дали некој од нив бил во базата кога се случил нападот.

Гувернерот на областа Лавов изјави дека во нападот на воената база западно од Лавов загинале девет лица, а ранети се 57 луѓе. Набргу потоа беше соопштено дека загинале 20 лица.

Гувернерот Максим Козицки потврди дека Русија утринава истрелала 30 ракети врз комплексот кој се наоѓа на околу 50 километри југозападно од Лавов и на околу 25 километри од границата со Полска.