Русија продолжува да испраќа војници на границата со Украина и најверојатно ќе изврши „ограничен“ воен напад врз земјата, изјави во средата директорот на естонската контраразузнавачка служба.
– Нападот ќе вклучува ракетирање и окупација на „клучниот терен“ во Украина, рече Мик Марран.
– Нашата проценка сега е дека тие ќе ги избегнуваат градовите со големо население бидејќи потребни се многу војници за да се контролираат тие области. Но, не е јасно што би можеле да направат руските сили, рече Марран на брифингот со новинарите по повод претставувањето на годишниот извештај на неговата агенција, пренесе Хина, цитирајќи го Ројтерс.
Друга можност би можеле да бидат интензивни борби од два отпаднички проруски региони во источна Украина.
Таквата ескалација е „многу веројатна“ и на овој начин „Русија веројатно ќе може убедливо да ја негира (својата вмешаност) и да избегне санкции“, рече тој.
„Распоредени се најмалку 170.000 војници“
„Доколку Русија биде успешна во Украина, тоа би ја поттикнало да го зголеми притисокот врз Балтикот во годините што доаѓаат“, рече тој.
„Заканата од војна стана главна политичка алатка за Путин“.
Естонското разузнавање знае дека околу 10 борбени групи на руската армија се движат кон украинската граница, каде што веќе се распоредени 100 борбени групи или околу 170.000 војници, рече Марран.
Ова ги вклучува војниците кои обично се распоредени околу Украина, но и војниците во Белорусија испратени на воени вежби во близина на украинската граница.
Некои од тие војници најверојатно ќе останат во Белорусија по 20 февруари, кога ќе завршат вежбите, што го загрижува НАТО, кој го опфаќа Балтикот, рече Марран.
„Тоа би го намалило времето за подготовка за напад на Балтикот“.