Утре на собраниска седница, по барање на опозицијата, која тврди дека има мнозинство, ќе се гласа за доверба на Владата.
Од СДСМ повторуваат дека се водат секојдневни консултации и се одржуваат работни состаноци со партнерите во коалицијата од парламентарното мнозинство, како и во рамките на највисокото партиско раководство.
– СДСМ продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да обезбедиме стабилна иднина на нашата држава и на целиот наш народ – велат од партијата.
И од власта и од опозицијата тврдат дека имаат мнозинство – едните за да останат, другите за да ја преземат власта. Откако пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи најави дека нема да гласа за уривање на Владата ако во опозициското мнозинство остане Левица, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, му понуди на Реџепи тој да избере 19 пратеници од неговата партија и заеднички да поднесат нова иницијатива за доверба на Владата, без пратениците на Левица.
Доколку СДСМ и коалицијата немаат мнозинство, можно е Заев доцна вечерва или утре изутрина да ја достави оставката до Собранието и спикерот само да ја констатира. Бидејќи со тоа паѓа и Владата, тогаш воопшто и нема да почне седницата за гласање доверба, иницирана од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Беса, Алтернатива и Левица.
Друга варијанта за која се шпекулира е актуелната власт да го тестира новото мнозинство со обезбедување кворум. Ако нема 61 пратеник што ќе гласа против Владата, тогаш повторно нема да има собраниска седница.