СДСМ се подготвува за траорна атмосфера на 8 мај. Колумнистот Бранко Тричковски веќе напишал некролог за поразот на неговата партија на парламентарните избори, кој го насловил „Смртта на Македонија“. Неговиот пост на Фејсбук покажува колку е голем очајот во редовите на владејачкиот СДСМ, анализира порталот Плусинфо.
Бранко Тричковски, инфлуенсер и колумнист на порталот Фронтлајн, на Фејсбук напишал дека подготвил некролог, во очекување на победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори 8 мај.
Под наслов „Смртта на Македонија“, Тричковски пишува:
„Ги известувам сите роднини и пријатели дека денеска, на осумдесет годишна возраст, од хроничен недостиг на памет во последните триесет и пет години и од акутна лудост, почина нашата мила и никогаш непрежалена мајка, баба и свекрва РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
1944-2024
Вечно благодарни чедата што ја изневерија.
Ова е огласот што ќе го објавам во ‘Гардијан’, во ‘Франкфуртер Алгемајне Цајтунг’, во ‘Економист’ и во ‘Фајненшел тајмс’, ако на осми мај се случи победа на вмро-дпмне.
Смртта ќе биде одбележана со зурли и тапани, со ора и скокања врз мртвото тело на Татковината, така што тоа набивање ќе претставува погреб, плиток погреб, но доволно длабок за да мртвата не ја разнесуваат кучињата и гавраните и орлите“.
Бранко Тричковски важи за еден од главните пропагандисти на СДСМ, а на неодамнешната промоција на неговата книга „ВМРО мит концепт крај“ посебна чест му укажа Бојан Маричиќ од СДСМ, вицепремиерот на евроинтеграции.
Инаку, не постои нормална и демократска земја во светот, со елементарна политичка култура, во која еден ваков пост на Фејсбук – еден од многуте во кои Тричковски ѝ посакува смрт на Македонија – не би биле оценети како класичен говор на омраза.
Но, неколку случаи кога е реагирано на говорот на омраза на Тричковски, како и на негови експлицитни закани упатени преку оваа социјална мрежа, се покажало дека на овој колумнист, кој се саморекламира како поет и филозоф, кај нас буквално се му е дозволено.
Како и да е, добар дел од јавноста ставовите и мислењата на Тричковски ги поистоветуваат со ставовите на СДСМ, така што некролог што тој го подготвил веројатно ќе се смета за однос на таа партија кон поразот што ја очекува на 8 мај.
Заклучокот е јасен: СДСМ се подготвува за траорна атмосфера на 8 мај. (Плусинфо)