Обвинителството денеска побара психијатриско вештачење на 15-годишникот од прилепското село Сенокос кој изминатата недела со убоди со нож уби врсник во Прилеп, а според неговиот бранител, не станува збор за убиство со премисла, туку за чин во состојба на афект или силна разразнетост.
– Обвинителството има поднесено предлог да се изврши психијатриско вештачење за пресметливоста на малолетникот, но и во поглед на неговата психичка состојба. Утре ќе биде сослушан, но не знам каква ќе биде неговата изјава пред судијата за деца, изјави Кирил Топчиоски, адвокат на малолетникот кој го изврши убиството.
Според Топчиоски, нема мотив, ниту премисла за убиството. На малолетниот убиец му е одреден 30-дневен притвор.
-Според сегашните докази, делото е извршено во состојба на афект или силна раздразнетост. Но нема мотив, вели Топчиоски.
Адвокатот објаснува дека малолетникот во притвор може да остане до 90 дена, а за тоа време треба да заврши судската постапка. Според законот, не може да добие затворска казна како кај полнолетните лица, туку казната е со алтернативни мерки или во институции, најмногу до пет години.
Откако ќе се собере доказниот материјал се враќа во Обвинителството каде се подготвува обвинителниот акт.
Трагичниот настан се случи на 29 февруари, околу 19 часот. Во влезот на прилепската зграда позната „деветтокатница“ момчето било физички нападнато и избодено. Успеало да побегне на булеварот, но паднало без знаци на живот.