*Се гледа сонце на крајот од тунелот во ФФМ. Се радувам на оставката на Муамед Сејдини по која работите ќе тргнат на многу подобро.
*И претходно и сега велам дека Масар Омерагиќ е најдоброто решение, ја сум со него во екипата и подготвен да работам за доброто на фудбалот со сето мое срце и знаење.
*Многу работа е пред нас, да се почне од темел за доброто на сите – браво за фудбалерите и настапите во Лигата на нации, но младите селекции се голем проблем!
Промените во ФФМ беа очигледни, очекувани и најавени уште пред неколку месеци кога револтот од неколку фудбалски легенди се прели и во структурите на федерацијата каде 10 члена од УО на ФФМ побараа итен состанок со претседателот Муамед Седјдини. Таа седница се одржа на вчера и на истата Муамед Сејдини поднесе оставка на претседателската функција. Собранието за избор на негов наследник е закажано за 22 декември.
Уште пред неколку месеци Горан Пандев во интервју за СпортСпорт ги најави промените и јавно кажа дека е во тимот за промени во ФФМ со Масар Омерагиќ. Денеска најдобриот на сите времиња се огласи од Џенова.
„Се гледа сонце на крајот од тунелот во ФФМ… Вчерашниот ден беше убав… Победа над Фарските острови, прво место во групата и оставка на Муамед Сејдини. Верувајте ми дека работите ќе тргнат на подобро. ФФМ е институција на која и требаат професионалци и луѓе кои освен интересот на фудбалот немаат друг интерес како финансии и ред други работи…“, коментира Пандев од Џенова од каде го најави своето враќање во мак-фудбалот.
„И пред извесно време и сега повторувам и јавно кажувам дека Масар Омерагиќ е најдоброто решение за претседателската фунција на ФФМ. Масар ти честитам на упорноста и нервите кои ги имаше за да дојдеш до овој стадиум и да бидеш на чело на федерациојата каде требаше да бидеш и пред 12 години. Тука сум за мак-фудбалот, ќе бидам дел од новата гарнитура во ФФМ и на располагање го ставам сето мое знаење и контакти за доброто на сите. Не чека многу работа, темелни промени и комплетна реорганизација во младинскиот фудбал. Треба трпение но ако се имаат вистинските луѓе и проекти резултатите ќе дојдат. Ни треба јака стратегија, проект по кој ќе бидеме препознатливи а не по фудбал кој кај нас е ист 30 години и фудбал во кој имаме периодични а не константни резултати“.
Горан Пандев го најави своето доаѓање во Македонија деновиве и на самото собрание на ФФМ на 22 декември а воедно им честита на на фудбалерите за успехот во Лигата на нации:
“Ќе бидам во Скопје деновиве, ќе се видам со идниот претседател на ФФМ и сакам да бидам на Собранието на 22 декември. Воедно им честитам на сениорите за успехот во Лигата на нации, но тој успех треба да се надогради и потврди во квалификациите з СП кои се играат од март. Максимална поддршка затоа што успехот и неуспехот на репрезентацијата е на сите кои сме биле дел од истата и навиваме за неа. Како не треба да се работи е она што се случува во младите селекции а посебно во репрезентацијата до 21 година. Ни треба иднина, план за развој и професионални тренери но и инфраструктура. Со чесна работа сето тоа ќе се обезбеди… Се гледаме за брзо во ФФМ“, најави Горан Пандев ден по оставката на Муамед Сејдини.
Покрај Горан Пандев во блискиот тим на Масар Омерагиќ од легендарните фудбалери е и Агим Ибраими.