На 66-годишна возраст почина Аки Рахимовски, пејачот на Парни Ваљак (66).

Веста за неговата смрт беше објавена на официјалната фејсбук страна на групата.

„За малку нежност, ќе се согласам на сѐ, за малку нежност, да можам да заспијам“

– Драги пријатели, со неопислива тага во нашите срца, ве известуваме дека денес, 22.01.2022 год. за секогаш заспа Аки Рахимовски – пишува во објавата.

Веста за смртта на познатиот пејач ја потврди неговиот менаџер.

– Му се слоши утринава и веднаш беше однесен во болница во Ново Место. Пред еден час ми се јавија дека починал, но уште не ја знаеме причината за смртта – изјави неговиот менаџер Дамир Осредечки за медиумите.

Инаку, Рахимовски е роден во Ниш, но набрзо неговото семејство се пресели во Скопје, каде тој ја започна својата рок кариера, а подоцна, благодарение на неговиот вонсериски глас, е повикан да го прееме микрофонот во Парни ваљак.

Со Парни ваљак со децении ќе ги освојува срцата на публиката, со оваа група ќе сними десетици албуми продадени во стотици илјаден тираж и ќе има стотици и стотици концерти во поранешна Југославија и надвор од земјата.

Се истакнуваше со вонсериски глас и настап на сцената. Аки велеше дека Македонија му беше како втора татковина и често беше гостин во нашата земја.