Момчето на 24 годишната Викторија Николова, која трагично го загуби животот на булеварот „Партизански одреди“ е во добра физичка состојба, бидејќи немал тешки повреди, но има големи емоционални трауми по сообраќајната несреќа.

Таткото на повреденото момче за ТВ24 вели дека очекуваат максимална казна за возачот кој ја предизвика несреќата, со цел вакви работи повеќе да не се повторуваат.

– Здравствено ако ме прашувате е добар, бидејќи повредите не му беа големи. Има отоци и мали болки, меѓутоа емоционално има големи трауми, не се чувствува најдобро, му недостига Викторија. Очекуваме од надлежните органи да си ја завршат професионално работата, да се тера правилно и да нема неправда. Ние секако ќе ангажираме адвокат, кој ќе ја претставува нашата страна и ќе бараме максимална казна за понатаму да не се случуваат вакви несакани работи. – вели Даниел Даов родител на повреденото момче.

По трагичната сообраќајна несреќа, од иницијативата „Шанса за Центар“ испратија барање до премиерот и министрите на Владата, како и до Град Скопје, за активирање на автоматскиот систем со камери, со кој би се олеснила работата на полицијата и ќе ја зголеми сообраќајната дисциплина и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

– Ние бараме две работи. Едната е активирање на системот, а втората работа е проектирањето на новите сообраќајници да го врати човечкиот живот како врвен приоритет, заради тоа што сметаме дека се повеќе недостигаат во правењето на сообраќајни решенија, решенија кои ќе направат успорување на сообраќајот и безбедно движење. Ние гледаме дека камери постојат и на поголемите раскрсници и помалите улици, а многу поголем приоритет е камерите да бидат искористени за бездноста на луѓето во сообраќајот. – вели Јана Белчева – „Шанса за Центар“ .

Младата Викторија Николова од Радовиш трагично го загуби животот на булеварот „Партизански одреди“, минувајќи на пешачки премин, а нејзиното момче се здоби со телесни повреди. 22 годишниот Јордан Ѓ. кој беше зад воланот во возилото е во притвор, но се најавува жалба. За една деценија во земјава вкупно се регистрирани 1652 жртви на патиштата поради сообраќајни несреќи.