Дочекаваме лоши вести, за ,,Фокус” вели Милчо, таткото на Наташа Совраноски (25), чие тело било пронајдено во понеделникот во шумска област во близина на Штутгарт, Германија, а која беше исчезната од втори септември.
Таткото, кој живее во Охрид раскажува дека се уште нема никакви официјални информации околу тоа што се случило со неговата ќерка.
Вели дека телото е на обдукција, а тој се подготвува да замине во Германија каде живее мајката на Наташа, која е негова поранешна сопруга, но и двете сестри на Наташа, како и нејзината ќерка која нема ниту две години.
Според информациите кои се објавени во билтенот на германската полиција, се истражува дали се работи за убиство. Маж на возраст од 45 години бил осомничен за убиство од небрежност, и бил притворен.
Милчо вели дека со сигурност не може да каже кој е осомничениот, но верува дека тоа е партнерот на Наташа, кој е и татко на нејзината ќерка.
-Од она кое досега го знам, ја пронашле полициски службеници со кучиња трагачи и телото било непрепознатливо. Никому не беше дозволено да ја види. Сите сме во исчекување на официјални информации, и ништо не можам да тврдам со сто процентна сигурност. Ете, германската полиција бара сведоци, објавено е дека апелираат ако има сведоци кои виделе што се случило на втори септември во шумата, да се јават во полиција…
Можам да кажам само дека ќе бараме правда, но и дека со мајката на Наташа ќе се бориме да добиеме старателство над нејзината ќеркичка. Јас дури и сакам да го донесам девојчето овде, да живее во Охрид, раскажува таткото.
Се заблагодари на сите кои му пружиле поддршка во тешките моменти, и додава дека последен пат со Наташа се видел минатата година.
Како потсетување, веста дека во Германија исчезнала младата мајка со македонско потекло, започна да се споделува на социјалните мрежи неколку дена по исчезнувањето. Ја споделуваа нејзини роднини, но и нејзиниот партнер кој е Германец.
,,Фокус” разговараше со него на 10-ти септември и тој кажа дека ќе биде од помош доколку апелот за пронаоѓање на Наташа се објави и во македонските медиуми, бидејќи не знаел дали таа евентуално се наоѓала во Македонија.
Исто така, на социјалните мрежи тој објави фотографија од нивната ќерка и напиша дека многу и недостига мајка и.
Тогаш, пред 18 дена, разговаравме и со таткото на Наташа, и тој раскажа дека таа работела како обезбедување, а партнерот и бил невработен. Појасни дека со партнерот имала несогласувања и проблеми, па поради тоа негово мислење било дека таа своеволно си заминала.
Ја опиша Наташа како зрела и одговорна личност, а тоа што не се јавила никому и ја оставила ќерката, го протолкувал како знак дека таа не сака да контактира со никого додека не се среди, па потоа сигурно ќе дошла по своето дете.