Мартина Балог, сестра на новосаѓанката Ива Балог (27), која по дводневна потрага беше пронајдена мртва на брегот на Дунав кај Стари Бановац, откако ноќта меѓу петокот и саботата исчезна на плажата во Нови Сад, се огласи на социјалните мрежи и им се заблагодари на сите што учествуваа во потрагата.
– Искрено им благодариме на сите што помогнаа на каков било начин. Ги известуваме сите дека телото на Ива е пронајдено. Погребот ќе биде утре во 13 часот на гробиштата Каменич. Ве молам без црнила, не носете црно – напиша Мартина и додаде:
– Сакам да ви кажам на сите да се сакате, да се гушкате и бакнувате, да се грижите за себе и да размислите двапати пред да направите нешто. За жал, учиме од најскапите грешки во животот, не дозволувајте да учите од вашиот пример! Прегрнете се, никогаш не знаете кога ќе биде последен пат! Ви благодариме уште еднаш на сите што бевте со нас во толку голем број.
НЕРЕШЕНА МИСТЕРИЈА- Според тамошните медиуми, останува нејасно што всушност се случило со Ива. „Како исчезна пред стотици луѓе на забава, на плажата во Нови Сад и заврши во Дунав на околу 60 километри подалеку, без никој да ја забележи“, прашуваат многумина.
Ива последен пат е видена на плажата Официрска во Петроварадин, ноќта меѓу петокот и саботата околу четири часот по полноќ, каде имало забава. Наводно отишла да се капе во Дунав со пријателка. Нејзината сестра Мартина изјавила дека ова е првата информација што ја добиле за исчезнатата Ива. Тогаш добила информација дека пријателката за момент ја оставила, а оттогаш Ива ја снемало.
– Наводно, четворица млади ја виделе како плива и како излегла од водата. Разговарале со неа и таа се упатила кон местото каде што се одржувала забавата. Детално ја опишаа – рекла сестрата на Ива.
Во медиумите и на социјалните мрежи, што го потврди и семејството, се појави информација дека Ива последен пат била видена како разговара со млад човек, странец.
– Добивме информација дека ја видел овој млад човек кој е странец, веројатно Американец, а го баравме и за да добиеме некаква информација, но безуспешно – изјавила сестрата Мартина за српските медиуми.