Скопјанката Лидија Трајковска (43), која исчезна од својот дом на осми ноември 2024 година е пронајдена почината. Веста за ,,Фокус” ја потврдија нејзината сестра Билјана и братот Александар Јоциќ.
Имено, пред шест дена во водите на реката Вардар во с.Таор, општина Зелениково, покрај стариот пат кон с.Пакошево, општина Зелениково, било пронајдено тело на починато женско лице, кое било заглавено во гранки.
Биле земени ДНК податоци за анализа од блиските на Лидија, и денес пристигнале резултатите со кои се потврдило дека починатата жена е нивната сестра по која неуморно трагаа повеќе од два месеца.
-Сакаме да ја информираме јавноста дека е пронајдено телото на нашата сестра Лидија. Засега тоа е единствениот официјален податок кој го имаме, не знаеме како и од што починала, кога ќе имаме официјални новости од надлежните служби, ќе ги соопштиме за јавност.
Сите сме потресени, но истовремено, му благодариме на Бога што ни ја врати назад, барем да ја погребаме достоинствено. Периодот на неизвесност кој го минавме, а и ова кое се случува сега, никому не го посакуваме.
Премногу е тешко… Благодариме на сите кои ни пружија поддршка во тешките моменти додека ја баравме нашата сестра, на сите кои се ставија во наша кожа и покажаа грижа и разбирање, истакнаа братот и сестрата на Лидија.
Случајот со исчезнувањето на Трајковска, која е мајка, баба и сопруга ја вознемири јавноста.
Таа беше една од десетиците исчезнати лица во земјава по кои се трага. Некои од нив се исчезнати пред неколку месеци, а пак некои се водат за исчезнати со години.