Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска за „360 степени“ потврди дека Александар Ѓорчевски, таткото на 14-годишната Вања, кој е еден од осомничените во случајот, дал исказ на почетокот на постапката.
Со ова тврдење денеска излезе и адвокатот Владимир Туфегџиќ, инаку правен застапник на Ѓорчевски, кој тврди дека таткото на Вања досега бил на распит само во фазата на предистрага и најави дека од Обвинителството ќе бара да го повика Ѓорчевски да даде целосен исказ во следната фаза од истражната постапка.
За разлика од Туфегџиќ, кој вели дека спрема Ѓорчевски не е оправдана ниту една мерка, особено не мерката за ефективен притвор, која бара да биде заменета со куќен, од Обвинителството велат дека продолжувањето на притворот за осомничениот е врз основа на доказите кое се досега обезбедени во постапката.
„Лицето за кое покажувате интерес даде свој исказ на почетокот на постапката. За разлика од останатите осомничени, тој ја негираше неговата инволвираност и какви било сознанија за настанот. Барањето за продолжување на притворската мерка се темели на обезбедените докази во досегашниот тек на постапката и опстојувањето на законските основи по кои првично беше определена таквата мерка“, посочуваат од Основното јавно обвинителство Скопје.
Од Обвинителството не одговорија на прашањата на „360 степени“ дали до нив стигнало, и како ќе постапат по однос на барањето на адвокатот на таткото на Вања кој бара Ѓорчевски да биде повикан на распит. Оттаму едиствено посочуваат дека истрагата е во тек и дека надлежниот јавен обвинител ги спроведува истражните дејствија онака како што налагаат доказите и потребите на постапката.
Инаку, на таткото на Вања и на другите тројца осомничени за случајот со двојното убиство Кривичен суд во Скопје на барање на Обвинителството на 4 јануари им го продолжи притворот за уште 30 дена. Првоосомничен за случајот е Љупчо Палевски-Палчо кој во моментов е во екстрадициски затвор во Турција.