Приказната за косовскиот Албанец Осман и неговото злосторство го шокираше светот. Дејли Мејл напиша дека Осман е роден во Црна Гора, иако албанските медиуми го претставуваат како „Албанец од Косово“, и дека во Австралија дошол во 1988 година, каде што се оженил една година подоцна.
Двојното убиство се случи во Мелбурн, Австралија, ден пред Новата 2020 година, кога Осман Шаптафај ги убил својата ќерка и нејзиниот сопруг, откако тие се вратиле од патување за да ја прослават првата годишнина од бракот.
Ветон Мусаи (29), кој е по потекло од Струга и Линдита (25) Мусаи беа пар како од насловните страници на списанијата. Убави, млади, заљубени. Што го поттикнало таткото на Линдита, возач на камион, да изврши такво грозоморно злосторство на нивниот праг?
Беше ден пред Нова Година кога се вратиле дома околу 10:30 часот, а Осман ги начекал на вратата и со истрели во главата ја убил на лице место, а зетот го испратил во болница каде што почина еден ден подоцна. Двојката живеела со семејството на Ветон додека го планирале својот дом.
Осман заѕвонил на вратата на семејството, а потоа оставајќи ги жртвите зад себе отишол во парк недалеку од местото на злосторството и се обидел да си го одземе животот, со два истрели во главата. Тој преживеа, но претрпе последици од повреда на мозокот. Тој подоцна се изјасни за виновен за двете убиства, а минатата година беше осуден на доживотен затвор, со минимална казна од 35 години по што може да бара условна слобода.
Во една од изјавите тој рекол дека поради психичката состојба не бил во здрав ум кога го извршил ова злосторство, а роднините на девојката ја започнале приказната дека Линдита се омажила за да се спаси од нејзиниот татко кој сакал да ја контролира неа и животот ѝ го направил пекол
Што му претходеше на ова грозоморно злосторство?
Дејли Мејл го нарекува Осман „монструм“, и татко кој сакал целосно да го контролира животот на својата ќерка. Тој наводно бил лут што неговата ќерка не го известила дека се омажила, и дека живеела далеку од него и без негово влијание. Не можеше да се помири со тоа. Сепак, во семејството немаше среќа. Осман ги мачел Линдита, нејзиниот брат и мајка се до 2008 година, кога избегале. Братот на Линдита, Арбен, изјави пред судот дека неговиот татко бил опседнат да и се одмазди на Линдита.
Во 2011 година при расправија му ставил пиштол на лицето на синот и и се заканувал на ќерката која сакала да живее со нејзината мајка. Сите бараа забрана за приближување.
– Линдита го мразеше најмногу на светот поради тортурата низ која поминала. Веруваше дека нашето семејство ќе беше прекрасно да не беше тој – рекол нејзиниот брат.
– Бевме тројца и конечно бевме среќни и спокојни. Верувавме дека овој кошмар конечно можеме да го оставиме зад нас – вели Арбен.
Линдита, започнувајќи нов живот, се запознала со својот иден сопруг и сè било добро. Последните три дена пред смртта ги помина прославувајќи ја првата годишнина од бракот. Немаа поим што ги чека на враќање. Осман инаку се обидел да се одбрани со состојба на депресија, во која наводно паднал откако доживеал сообраќајна несреќа со мотор, по што не бил во состојба да работи.
Судијата, пак, го нарече „ладен“ и „пресметан“, а не попушти пред бледите докази на одбраната.
Рекол дека Осман бил лут затоа што ќерката не го поканила на свадба, а зетот не барал дозвола од нејзиниот татко за да се ожени со неа. Останува непознато како ги знаел нивните движења на кобниот ден.