Чешката полиција вечерва објави нови детали за убиецот од Прага.
– Сакам да ја информирам јавноста дека сериозно работиме со верзијата која е реална, дека напаѓачот од Филозофскиот факултет е одговорен и за две жртви од крајот на минатата недела во Клановички лес – изјави шокантно полицискиот директор Мартин Вондрашек на прес-конференција.
– Нема позната поврзаност со жртвите, нема позната поврзаност со локацијата, а убеден сум дека тоа биле сосема случајни жртви избрани од лицето без никаква криминална историја – додаде тој.
Како што пренесуваат медиумите, трагедијата што се случи попладнето во петокот на 15 декември во прашки Клановички Лес, ја потресе цела Чешка. Таму непознат сторител застрелал двомесечно девојче во количка и нејзиниот татко Мартин (32).
Според неговите пријатели, убиениот бил многу популарен, неконфронтирачки и на сите им се допаѓал, па никој не можел да разбере зошто некој го убил.