Украинската криза предизвика невиден недостиг на сончогледово масло. Засега најкритично е во Германија каде што расте и продажбата на црниот пазар, па литар чини 50 евра. Таму нудат и отворени шишиња, односно продаваат 300 милилитри за неверојатни 15 евра.
Во исто време, неколку синџири на супермаркети веќе ја ограничија продажбата на две или четири шишиња по клиент. Без разлика на ограничувањата, проблемот е што сега нема зејтин на полиците.
Руската агресија врз Украина предизвика сериозен дефицит на зејтин на светскиот пазар, бидејќи е прекината преработката на семки од сончоглед, како и извозот, што влијае на обемот на испораките. Украина со 51 отсто и Русија со 27 отсто се најважните извозници на сончогледово масло во светот.
Од страв од недостиг во земјите од ЕУ, особено во Шпанија полиците на супермаркетите се празни. Покрај масло, недостига и брашно. Исто така, поради недостиг на испораки на жита и пченка од Украина, може да има недостиг на сточна храна.