Двегодишната Данка Илиќ исчезна денеска околу 13 часот и 45 минути во Бањско поле кај Бор. Според зборовите на мајката, додека му давала вода на второто дете, ја изгубила од вид својата ќерка и оттогаш од неа нема ни трага ни глас.

Во потрагата по девојчето веднаш се вклучија полицијата, пожарникарите, но и бројни граѓани кои спонтано се собраа преку социјалните мрежи.

Пристапот до куќата моментално го чува полициски кордон, а на патот има голем број луѓе.Во моментов над Бањско поле и околината надлетуваат хеликоптери.

– Околу куќата на Илиќ има неколку дупки. Овде има многу дупки длабоки меѓу еден и два метра. Тие дупки беа исполнети со подземна вода. Моментално се проверува дали можеби девојчето паднало во некоја од нив. Засега ништо не најдовме таму – изјавил за Телеграф еден од соседите.

Во потрагата биле вклучени и термо-дронови и кучиња трагачи. Во Бањско поле нешто пред 22 часот почна да врне силен дожд.

Како што се дознава, семејството на исчезнатото девојче Данка Илиќ не е од Бањско поле, но дошле таму кај родителите.

Веднаш по исчезнувањето мајката рекла дека девојчето не зборува.

– Детето беше облечено во виолетови панталони и маслинесто зелена јакна, со врзана коса. Одговара на името, но сеуште е мала, уште не зборува. Луѓето пријавиле дека е видена во близина на некоја зграда, но ја нема – рекла мајката.