Во предградие на Бангкок, Тајланд, утрово се случила страшна несреќа во која се запали автобус во кој се превезуваа ученици и нивните професори. Се стравува дека загинале 25 лица, соопштија спасувачките служби, пишува Асошиејтед прес.
Автобусот превезувал 44 патници од централната провинција Утаи Тани до Ајутаја на училишна екскурзија, изјави министерот за транспорт Сурија Јунгрунгруенгкит.
Министерот за внатрешни работи Анутин Чарнвиракул рече дека бројот на жртвите се уште не може да се потврди бидејќи истрагата на местото на настанот сè уште не е завршена, но врз основа на бројот на преживеани, тој рече дека се стравува дека загинале 25 лица. Тој исто така додаде дека автобусот се уште бил претопол за да можат безбедно да влезат.
Телата се уште биле во автобусот неколку часа по пожарот. На видеата објавени на социјалните мрежи се гледа дека целиот автобус е зафатен од пламен. Возраста и други детали за учениците се уште не се познати.
Спасувачкиот работник на местото на настанот изјавил дека пожарот најверојатно избувнал откако една од гумите експлодирала и автобусот удрил во пречка на патот.
Спасувачката група Хонгсакул Клонг Луанг 21 објави на својата Фејсбук страница дека пронашла најмалку 10 тела во автобусот.