Гувернерот на Бангкок Чадчарт Ситипунт потврди дека три лица загинале. „Три лица загинаа во главниот град на Тајланд поради штети предизвикани од силниот земјотрес што го погоди соседен Мјанмар“, рече тој.
Ситипунт предупреди на можни последователни потреси, но ги повика граѓаните да останат смирени и рече дека ситуацијата е главно под контрола, пренесува Ројтерс. Властите примиле 169 пријави за оштетувања на згради во Бангкок, рече тој. Градските железнички системи се привремено суспендирани, но се очекува да продолжат со работа во сабота.
Помошта на Црвениот крст е отежната поради прекинот на струјата. Црвениот крст соопшти дека тимовите се обидуваат да одговорат на „големото уништување“ во Мјанмар, но се соочуваат со потешкотии поради прекините на електричната енергија во погодените области, пренесе Би-Би-Си.
Од хуманитарната организација велат дека регионите Мандалај и Сагаинг се без струја и дека се прекинати мрежните врски. И покрај тоа, Црвениот крст вели дека сè уште собира информации за „хуманитарните потреби“ предизвикани од уништувањето.
Осум лица загинаа, а други се стравува дека се заробени откако зградата во изградба се урна во населено место Пји Ги Тагон во Мандалај, вториот по големина град во Мјанмар, околу 13 часот по локално време, изјави сведок за Гардијан.
„Целиот град Мандалај ги почувствува последиците од земјотресот. Спасувачките тимови и болниците се преоптоварени. Се надеваме на ресурсите што ги имаме во соседството“, рече сведок кој сакал да остане анонимен.
Очевидци изјавија дека најмалку тројца луѓе загинале во делумно урната џамија во Мјанмар, а исто толку жртви се потврдени во Тајланд. Сепак, тајландскиот министер за одбрана сега кажа дека повеќе од 90 луѓе се водат како исчезнати откако се урна 30-катна зграда во изградба во Бангкок.