Унгарскиот фудбалер Марко Варга (26) загина во сообраќајна несреќа што се случи во Австрија. Веста за смртта на фудбалер кој настапуваше за АСКО Линц ја пренесоа локалните медиуми.
Несреќата се случила во саботата вечерта, еден ден откако го одиграл последниот натпревар за својот клуб во кој бил и стрелец. Се се случило на автопатот А1 Запад кога возачот на комбе со полна брзина налетал на неговиот автомобил.
Брзата помош успеала да го оживее, но подоцна во болница им подлегнал на повредите, пренесува „Телеграф“.
Варга беше познат во регионалните лиги на Австрија, а спортскиот директор на неговиот клуб Курт Баумгартнер беше во шок.
– Не знам што да кажам, ситуацијата е многу тешка за сите нас. Сè уште не можеме да веруваме – изјави Баумгартнер.
Варга беше многу талентиран во помладите селекции каде меѓу другите настапуваше за Хонвед, Академија Пушкаш и Видеотон. Играше и за младинските селекции на Унгарија, но никогаш не го исполни својот целосен потенцијал.