Во средата наутро на автопатот Д1 во правец Братислава кон Трнава се случи трагична несреќа. Според полициските информации, на местото на несреќата починале 35-годишните родители и 63-годишната баба, а 4-годишното дете се здобило со тешки физички повреди и подоцна починало во болница. Преживеало само петмесечното бебе.
Трагичната несреќа се случила кога комбе со полски регистарски таблички излетало од патот и удрило во дрво. Семејството потекнува од Катовице во Полска, пренесува словачкиот портал ТВ Новини. Тие се враќале од одмор во Хрватска.
Според првите полициски извештаи, несреќата најверојатно се случила бидејќи возачот на комбето „фиат дукато“ заспал. На место без заштитна ограда излетал од патот и удрил во дрво. Од силината на ударот возилото се превртело на страна и останало во таа положба.
– Тешко повредено четиригодишно дете со спасувачки хеликоптер е пренесено во болница, но ја загубило борбата за живот, потврди полицијата.
Според полицијата, бебето поминало неповредено. Тоа е под медицинска нега во Детската болница во Братислава.