Зголемен број позитивни случаи на ковид-19 во Србија. Во последните седум дена вирусот е потврден кај 1.529 лица, што е зголемување за 565 во однос на претходната недела. Најчести симптоми се настинка, кивање, температура, конјунктивитис, малаксаност, кашлица и болки во грлото.
Минатата недела во Србија имало 964 заболени, а следното известување ќе биде објавено на 21 септември, соопшти Министерството за здравство. Нема смртни случаи од коронавирусот, а во болниците во моментов нема хоспитализирани лица.
Инаку, минатата недела во Србија пристигна подваријантата на сојот омикрон, т.н. ерис.
Иако ковид-19 остана цело време меѓу нас со новите видови, во Македонија веќе одамна оваа тема не е дел од тежишниот јавен интерес. Надлежните освен што водат евиденција за нови случаи, немаат некои посебни протоколи. Тестирања речиси и постојат, а вакцинацијата одамна е завршен процес. Експертите велат дека тоа е резултат на намалениот капацитет на вирусот за предизвикување компликации и новите случаи се повеќе статистика отколку сериозна закана.
Според последните информации што можат да се најдат на веб-страницата на Институтот за јавно здравје, во текот на август во земјава биле пријавени вкупно 112 случаи на ковид-19, а еден пациент починал. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31.8.2023, се пријавени вкупно 348.491 потврден случај на ковид-19 и 9.942 смртни случаи.
Секој нов сој на ковид носи промени, а на новите мутации не треба да се гледа несериозно
Познатиот српски епидемиолог Бранислав Тиодоровиќ вели дека нема место за паника поради појавата на новиот вид коронавирус. Тој посочува дека појавата на нов сој ковид не е нешто неочекувано, бидејќи вирусот е способен да мутира, и дека и понатаму ќе бидеме сведоци на нови мутации во иднина. Тој напоменува дека е добро што со секоја мутација вирусот го губи потенцијалот да остави посериозни последици кај лицата што се заразени.
Сепак, Тиодоровиќ предупредува дека на новите мутации не треба да се гледа несериозно и треба да се води сметка, бидејќи повеќето луѓе се во непосредна опасност, особено постарите и хронично болните.
Експертите смируваат и велат дека, според познатите информации за омикронскиот супстраин ЕГ.5, тој не треба да претставува потешка клиничка слика на ковид. Симптомите може да вклучуваат покачена телесна температура, губење на чувството за вкус и мирис, болки во грлото, кашлица, замор, течење на носот. Овие симптоми се слични на оние на слаба респираторна инфекција.
Единственото значење што го има супстраинот за граѓаните е неговата брзина на ширење. Утврдено е дека се шири малку побрзо од претходните подваријанти.
Проф. Даниловски: Тестирања не се потребни, без фрлање пари за додатоци во исхраната и, најважно, без антибиотици
Според епидемиологот Драган Даниловски, поради поголемата заразност на новите варијанти, очекувано е да се зголеми бројот на инфекции, особено наесен и во текот на зимата.
– Зарем се потресувавме кога редовно се јавуваа зголемен број настинки во ладните месеци во периодот пред пандемијата? Секако дека не. Така и сега.
Бројот на настинки и оваа ладна сезона ќе си порасне. Причинители нема да бидат само новите варијанти на коронавирусот, ќе имаме и други, како секогаш: грип, аденовируси, риновируси, респираторен синцицијален вирус (РСВ), четирите типа коронавируси познати веќе над 60 години. Ним ќе им се придружи и нивниот најнов сродник, „новиот“ коронавирус (Сарс-Ков-2) со некоја од своите варијанти – објаснува епидемиологот.
Сепак, тој посочува и дека нема никаква потреба веќе за симптоми на настинка (дури ако се појави и покачена температура) да се прават тестирања.
– Чуму тестирање? Доволни се многу течности, пробиотици и пребиотици. Без фрлање пари за додатоци во исхраната и, најважно, без антибиотици. Стручно е неприфатливо објаснувањето на некои доктори дека пропишуваат антибиотик за црвено грло, „за да не се спушти на белите дробови“! Ако се појави пневмонија, дури тогаш треба да се направи крвна слика. Ако таа покаже дека станува збор за бактериска пневмонија, дури тогаш е потребен антибиотик. И толку. Исто како минатите години со грипот, и отсега натаму ризични групи се старите лица, особено ако имаат и хронични болести. Добро е тие да внимаваат. И, исто како за грипот, да се вакцинираат оваа сезона, секако по сопствена желба. Штета што сѐ уште го немаме набавено лекот „паксловид“, кој спасува живот, но и „тамифлу“, лек против грипот – заклучува професорот Даниловски.
Седум најчести симптоми
Според началникот на Клиниката за инфективни болести во Белград, проф. д-р Горан Стевановиќ „Ерис“ засега дава блага клиничка слика, особено кај младите. Меѓутоа, кај луѓе кои се постари, со коморбидитети, срцеви заболувања и прекумерна дебелина, се јавува пневмонија.
Покрај горниот респираторен тракт, короната ги зафаќа и нејзините долни делови. Д-р Небојша Бохучки вели дека кај младите и до околу 65-годишна возраст го зафаќа горниот респираторен тракт, а најчести симптоми се настинка, кивање, температура, конјунктивитис, малаксаност, кашлица и болки во грлото. Кај пациенти постари од 65 години и помлади со хронични болести, белите дробови исто така може да бидат зафатени и се јавува потешка клиничка слика.