Во случајот со киднапирањето на внукот на Љубе Бошковски сестрата на обвинетиот Виктор Миланоски во отворено писмо до медиумите тврди дека нејзиниот брат нема никаква врска со овој случај.
Моника Стојановска, родена Миланоска, во писмото вели дека нејзиниот брат бил другар со Самоил и знаел дека тој бил вклучен во нечесни игри.
„Второобвинетиот воопшто не го ни познавал Самоил. Но најважното прашање е кои се двајцата обвинети и дали се вистинските луѓе и дали воопшто имаат некаква поврзаност со овој случај?
Тврдиме дека ова е хајка против обвинетите и дека судството и обвинителството имаат огромен политички притисок за тие да бидат осудени по секоја цена. Велат дека молчењето е залто, но можно ли е да се остане нем и глув на сите клевети? Обвинети се на база на приказни смислени од локални мафии без никакви докази.
Тврдиме дека едноставно првообвинетиот, Виктор Милановски, се нашол во погрешно време и на погрешно место. Тој е последниот со кој Самоил бил виден пред да исчезне. Ако воопшто е исчезнат?! Отворено е и прашањето дали можеби се крие некаде поради нерасчистени долгови за наркотични средства?!
Второобвинетиот изјави дека тој само му дал кола на користење на првообвинетиот, како и во многу други наврати, бидејќи е во бизнис со препродажба на автомобили и дека не гледа ништо лошо во тоа да позајмиш кола на другар. Но, обвинителството поради тоа го става како соучесник во ова дело. И покрај доказите кои се обезбедени како видео материјал дека второобвинетиот во критичното време бил во Соборен храм, на литургија, тој остана во притвор цели четири месеци. За цело време, јавниот обвинител со закани сакаше да извлече признание за дело што не го направил. Ако неправдата стане закон, отпорот е наша морална должност.
Бараме фер судење, без притисоци и ослободителна пресуда – бидејќи лицата се невини, не се вмешани во ништо, а осудителна пресуда под политички притисоци не е правда“, пишува Моника Стојановска во отвореното писмо до медиумите.
Лани на 4 март семејството на Самоил, кој е внук на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, откри дека еден ден претходно нивниот син бил киднапиран. Од уличните камери било утврдено дека Самоил бил грабнат со автомобил „волво В40“ кој го обезбедил еден од обвинетите. Станува збор за второосомничениот кои се товари за помагање. Со возилото Самоил бил однесен на непознато место. Три дена по грабнувањето на 6 март било опожарено возилото во кое за последен пат бил забележан Самоил Костадиновски. Возилото било запалено во околината на Драчево со цел да се прекријат трагите. За случајот Обвинителството води постапка против две лица на возраст од 25 и 29 години.
Љупчо Костадиновски, татко на Самоил, тогаш изјавуваше дека освен овие две лица, кои се уапсени за исчезнувањето на неговиот син, вмешана била поголема криминална група. Според негови сознанија, станувало збор за голема машинерија, за организирана група од околу 50 лица, кои продавале разна дрога по дискотеки во земјава.
На 7 јули 2023 бил извршен обид за убиство на Љупчо Костадиновски, таткото на грабнатиот Самоил Костадиновски. Сторителот на делото е сè уште непознат.