Семејството на Оливер Антиќ, амбасадорот на Република Србија во Португалија, кој почина денеска во Лисабон, се огласи по повод информацијата дека Антиќ скокнал во морето.

Да потсетиме, магазинот CM објави дека Антиќ му рекол на возачот да застане, а потоа наводно се фрлил во морето во близина на познатата туристичка атракција Бока де Инферно во близина на Лисабон, но според семејството, таа информација не е точна.

Имено, тврдат дека амбасадорот излегол од автомобилот, телефонирал, а потоа се лизнал и паднал во морето. Тврдат и дека има видео кое го докажува тоа.

Медиумите пишуваат дека веднаш била алармирана локалната поморска полиција и пожарникарите, а Антиќ се уште бил жив кога го извлекле.

Потоа започна реанимацијата, но, за жал, тој почина.Според семејството, датумот и сите детали околу погребот ќе бидат објавени подоцна.

„Сите што го познаваа знаат дека животот го посвети на семејството, народот, студентите, правото и правдата“, изјави денеска семејството на проф. д-р Оливер Антиќ, амбасадор на Република Србија во Португалија, кој денеска несреќно го загуби животот.