Сеад Кукурузовиќ (35) во март 2011 година го напуштил својот дом во загрепската населба Бијеник и оттогаш му се губи секаква трага. Семејството го бараше со години, а дури неодамна дозна дека бил пронајден три-четири месеци по неговото исчезнување. Неговото тело цело време било во Институтот за судска медицина. Целиот случај го објави на Фејсбук неговата сестра Алма Смојвер.

– Бидејќи приказната за мојот брат станува јавна, денес добив повици од новинарите во мојот инбокс, добивам известувања дека за овој кошмар се пишува на Фејсбук и бидејќи не сакам да се создаваат конструкции и евентуално невистини во наредните денови, се одлучив да проговорам што ни се случи, напиша таа во воведот, а нејзината објава ја пренесува 24 сата.хр.

Таа вели дека на приказната и дојде крајот, но дека не се чувствува така бидејќи приказната за неговото пронаоѓање е „апсолутно неверојатна, безумна и целосно луда“.

Пронајден е пред 13 години

Вели дека нејзиниот брат бил пронајден на 25 јули 2011 година во реката Сава во близина на мостот на Сајмишна цеста кај Мичевац, „заплеткан во некакви столбови или жици во близина на мостот“. Работници го нашле, вели таа.

– Полицијата го однела во Институтот за судска медицина каде на 26.7.2011 извршиле обдукција, судејќи по се извадиле ДНК, а потоа лешот во фаза на распаѓање, т.н. сапонификација и целосно без можност за физичко препознавање, го ставиле во нивниот фрижидер. Таму мојот брат останал во следните 13 години, односно до оваа 2024, вели таа.

Тоа беа, вели таа, 13 години агонија.

Како конечно дојшле до вистината

Таа откри и како конечно дознале каде е телото.

„И тогаш еден ден, полицаец му се јавува на брат ми и му кажува дека ЕУ започнала проект за создавање досие за исчезнати лица на територијата на земјите-членки и дали би сакале да го воведеме во досието. Братот се согласува, родителите одат да дадат ДНК. Два и пол месеци подоцна, погодувате, не известија дека имаат труп со таа ДНК во Институтот за судска медицина…“, напиша таа.

На крајот додава дека и самата не знае многу повеќе од тоа, како ни кој во целата приказна не си ја завршил работата.