Шест Грци загинаа, а исто толку се ранети во руското бомбардирање кај Мариупол, поради што Грција го повика рускиот амбасадор во Атина и му врачи протест.

Во бомбардирањето на селата Сартана и Бугас загинаа Грци, а меѓу ранетите има и едно дете, соопшти грчкото МНР.

„Смртта на нашите граѓани предизвикува болка и гнев поради овој неприфатлив руски напад врз цивили“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Трет ден по ред руските сили ги преплавија украинските градови и села со артилерија и крстосувачки ракети. Главниот град Киев и другите поголеми градови, сепак, остануваат цврсто во рацете на Украина.