Општинското јавно обвинителство на Осиек подигна нов обвинителен акт против најдобриот хрватски фудбалер на сите времиња, Лука Модриќ и репрезентативниот стопер Дејан Ловрен, за лажно сведочење.

Станува збор за обвинителен акт за лажно сведочење во процесот против децениската алфа и омега на Динамо Загреб и најмаркантниот човек во хрватскиот фудбал Здравко Мамиќ за даночно затајување, малверзации со трансфери и извлекување на пари од трансфери на динамови фудбалери, меѓу кои и трансферите на Модриќ и Ловрен.

Според обвинението Модриќ и Ловрен лажеле на сослушувањето како сведоци во процесот против браќата Зоран и Здравко Мамиќ, екс-директорот Дамир Врбановиќ и даночникот Милан Перван. Двајцата хрватски фудбалери во истрагата кажале сосема спротивно од тоа што потоа на јавното рочиште го посочиле, но првиот обид за обвинителен акт против нив во ек на судењето на Мамиќ пропадна зашто судот го отфрлил истото.

Модриќ повеќе од деценија е фудбалер на Реал Мадрид, пред неколку дена потпиша нов договор, додека Ловрен е член на француски Лион. Двоецот беше дел од историската генерација на Хрватска која во 2018 година освои мундијалско сребро, а во декември лани и бронза на Мундијалот во Катар.

Здравко Мамиќ во процесот за извлекување на скоро 20 милиони евра од касата на Динамо доби шест ипол години затвор, а неговиот брат Зоран, екс-тренер и спортски директор на „модрите“ доби безмалку пет години, но двајцата избегаа во БиХ.