За 60 проценти ќе поскапи парното греење, ако не се постави новиот топловод на мостот Беласица. Ова за Телма го соопштија од Регулаторната комисија. На две недели пред официјалниот старт на новата грејна сезона, Градот Скопје и ЕСМ сѐ уште ја договараат монтажата на новите цевки, кои се набавени одамна и стојат на локацијата. Од ЕСМ и денеска со истиот одговор како и претходно. Подготвени, се и чекаат дозвола од градските власти за да ја завршат работата. Од Град Скопје пак не добивме одговор, кога ќе дадат зелено светло за да може да се изврши монтажата.
Мостот Беласица, беше опожарен пред повеќе од четири месеци, но од тогаш до сега не се најде време да се заврши постапката. Проценките на премеирот Ковачевски пак се дека во овие две недели има време тоа да се направи.
– СМЕТАМ ДЕКА ИМА ВРЕМЕ ТОА ДА СЕ НАПРАВИ, И КОГА ЌЕ СЕ НАПРАВИ ЌЕ СЕ ОЛЕСНИ РАБОТАТА НА РКЕ ДА ОПРЕДЕЛИ ЦЕНА НА ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА И ЌЕ БИДЕ ПО ЦЕНА ПРИФАТЛИВА ЗА СКОПЈАНИ. КОЛЕГИТЕ ВО ЕСМ РАБОТАТ НА ОВАА ПРОБЛЕМАТИКА, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ.
Регулаторната комисија за енергетика неколку пати предупреди дека мора што поскоро да се постави новиот топловод и дека додека не се случи тоа нема да се носи нова одлука за цената на парното. Од таму предупредија дека ако надлежните не ја завршат работата граѓаните ќе се соочат со ценовно цунами, затоа што нема да може да ја добиваат топлинската енергија од ТЕ-ТО, која е многу поевтина од онаа која би ја испорачале другите топлани во градот.
Инаку, новата цена на парното вообичаено се носи на крајот од јули.
Градско парно користат над 60 илјади домаќинства. Од нив најмногу се на системот на ЕСМ или поранешно БЕГ, 1.900 на таканареченото железарско парно и 400 домаќинства се приклучени на Топлификација Север.