Поранешниот трикратен шампион на Македонија, Еуро Никел (некогашен Фени Индустри, Тиквеш и Орка) денеска официјално го откажа своето учество во Првата македонска кошаркарска лига за сезоната 2023/24.
Ваквата одлука доаѓа неколку дена откако ФИБА му изрече суспензија на клубот за ангажирање нови кошаркари, но се претпоставува дека таа одлука нема врска со новиот развој на настаните. До истапувањето од Првата лига, за што денеска е известена Кошаркарската федерација, дошло поради престанок на спонзорирањето од страна на компанијата Еуро Никел.
„Согласно известувањето што беше доставено до вас, за престанување на спонзорирање на Еуро Никел Индустри ДОО Кавадарци во нашиот клуб и во спортот воопшто, ве известуваме за следното:
МКК Еуро Никел 2005 АД Кавадарци го откажува учеството во сите натпреварувања и категории во организација на КФСМ и сите членови на клубот, стручниот штаб и играчите во сите категории се ослободени од договорните услови со клубот и се слободни да се приклучат во останатите клубови.
Со почит МКК Еуро Никел ДООЕЛ“, пишува во известувањето од кавадаречкиот клуб.
Ваквиот развој на настаните може да значи гаснење на еден од најважните кошаркарски центри во земјава, расадник на кошаркари и „производител“ на некои од најдобрите играчи во историјата на Македонија. Еуро Никел (порано Фени Индустри) беше спонзор на клубот повеќе од 15 години и во овој период кавадарчкиот тим освои три титули во домашното првенство, две во Купот на Македонија и една во БИБЛ лигата.
Со откажувањето на Еуро Никел, слободни стануваат неколку исклучително квалитетни играчи кои ги бранеа боите на овој клуб како Дарко Соколов, Никола Караколев, Марјан Младеновиќ, Лука Стојановски итн.