Драстичен пад на бројот на средношколци во земјава, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Ако во учебната 2009/10 имало над 95 000 ученици, на почетокот на 2022/23 имало нешто над 69 000 ученици. Во учебната 2021/22 пак ,71 000. Ова е намалување за една четвртина од учениците во период од 13 години. За Поранешниот директор на Заводот за статистика Дончо Герасимовски, кој четири децении ги следи демографските движења, нема дилеми дека таквиот тренд е резултат на иселувањето на младите луѓе.

„Во наведениот период негде бројот на ученици е намален за околу 25 000 што значи таа бројка која што просечно годишно е доста висока. Иселувањето допринесува дека претежно од земјава се иселува младо население и тоа младо население се поготово оние кои заминуваат заедно со своите родители на работа во странство, коишто и таму престојуваат. Како одраз на намалување на наталитетот и бројот на живородени деца кои што ги има таму во странство каде што од година во година тој број се зголемува, а во земјава се намалува. “

За годинава се предвидени скоро 30 000 места за нови средношколци. Во двата уписни рокови, потполнети се само половина, односно 15 481 место, а ќе има уште еден уписен рок во август. Пред 10-ина години во просек се запишувале по 5000 повеќе. Герасимовски забележува дека предвидената бројка за упис е нереална и не соодвестува со бројот на ученици кои завршиле 9то одделение.

„Околу 19 000 ученици завршуваат основно училиште односно деветто одделение со право на упис во средните училишта. Тој број треба да соодвестува и со бројот на ученици кои што се запишуваат во прва година на средни училишта. Меѓутоа и од тие 19 000 дел од учениците се запишуваат надвор од земјава значи и таа бројка сепак треба да биде помала. 30 000 е голема бројка.“

Герасимовски вели дека и во текот на една учебна година бројката се намалува за околу 3 до 5 000 ученици, а тоа се должи на исселувањето на младите во странство, за жал, како што вели, најчесто со билет во еден правец.