50 кривични пријави за кражби и тешки кражби, двапати осуден на ефективни затворски казни кои ги издржал, татко на 7 деца, корисник на социјална помош до лани. Ова е профилот на 30 годишниот кичевчанец, таткото убиец, кој до смрт ја претепа својата 2 годишна ќерка. Нему му е одредена мерка притвор од 30 дена и тој е спроведен во битолскиот затвор, објави телевизија ТЕЛМА.

– ТОЈ Е ПРИВЕДУВАН И ЛИШУВАН ОД СЛОБОДА И ПРОТИВ НЕГО, ОД 2011 ДО 2023 ГОДИНА, ОВР КИЧЕВО ИМА ПОДНЕСЕНО ОКОЛУ 50 КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА СТОРЕНИ КРИВИЧНИ ДЕЛА ПО ЧЛЕН 235 И 236 ОД КЗ. ВО 2013 ГОДИНА СО СУДСКИ ПРЕСУДИ, Ф.Д. ВО ДВА СЛУЧАИ БИЛ ОСУДЕН НА ЗАТВОРСКА КАЗНА ВО ТРАЕЊЕ ОД 6 МЕСЕЦИ И 1 ЗАТВОРСКА КАЗНА ВО ТРАЕЊЕ ОД 3 МЕСЕЦИ. ДО ОВОЈ МОМЕНТ, ВО ОВР КИЧЕВО НЕ Е ПРИЈАВЕН ДРУГ НАСТАН ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО СТОРЕНО ПРЕТХОДНО ОД Ф.Д., ИЗЈАВИ СТЕФАН ДИМОВСКИ ПОРТПАРОЛ НА СВР ОХРИД.

И од Центарот за социјални рбаоти од Кичево потврдуваат дека ниту до нив нема пријава за семејно насилство од ова семејство. Но, пред две години службите биле известени од полицијата дека по расправија со сопругот, мајката заедно со децата го напуштила домот. Но, кога социјалните работници го посетиле семејството, таа веќе била вратена. Ниту криминалното и насилничко однесување на таткото, ниту пак напуштањето на домот на мајката со децата не го вклучи алармот кај надлежните за ова дисфункционално семејство.

ПО ПРИЈАВЕНИОТ НАСТАН ЦЕНТАРОТ ИЗВРШИЛ УВИД И КОНСТАТИРАЛ ДЕКА ТАА Е ВРАТЕНА ДОМА ЗАЕДНО СО ДЕЦАТА, ИЗЈАВИЛА ДЕКА ГИ НАДМИНАЛЕ НЕДОРАЗБИРАЊАТА И ПРОДОЛЖИЛЕ ЗАЕДНО ДА ЖИВЕАТ. ОД ТОЈ ПЕРИОД ДО СЕГА НЕ СЕ ПРИЈАВЕНИ НИКАКВИ ПРОБЛЕМИ ОД СТРАНА НА ОВА СЕМЕЈСТВО, ОДГОВОРИЈА ОД ЦЕНТАРОТ ЗА СОЦИЈАЛНИ РАБОТИ КИЧЕВО .

Од Центарот за социјални работи во Кичево велат дека мајката во согласност со своите материјални и станбени можности се грижела за своите 7 деца. Сепак, таа од страв или за да го заштити, го сокри насилниот татко кој на 18 декември му нанел тешки телесни повреди на 2 годишното девојче.

Со скршен череп, крварење во мозокот и скршени ребра го однела претепаното дете во болницата во Кичево, од каде поради сериозноста на повредите било транспортирано на Клиниките во Скопје.

При извршениот разговор со полицијата таа изјавила дека детето се удрило при детска игра. Малото девојче почина на 8 јануари, по тринеделна битка на лекарите за нејзиниот живот.

Засега не се води постапка против мајката која го бранела таткото убиец, но и дала лажна изјава, а од полицијата велат дека сите понатамошни мерки ќе се преземаат по консултација и насоки на обвинителството.