Мајката и таткото на момчето Коста Кецмановиќ (13), кој уби девет врсници и училишен чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград, смислиле пеколен план да го извлечат својот син од здравствената установа каде што е сместен и да го префрлат во странство! Меѓутоа, нивната идеја била пресретната, па правосудните органи и полицијата навреме спречија обид за измама на системот, пишува српски „Курир“.
Таткото на момчето, да потсетиме, е во притвор од 3 мај и е осомничен за тешко кривично дело против општата безбедност. Се сомнева дека го обучувал малолетниот син да ракува со огнено оружје со тоа што го однел во стрелачки клуб каде вежбал гаѓање, но и дека не обезбедил услови за безбедно чување на оружјето што го поседувал во легално поседување.
Против мајката на момчето убиец во тек е претистражна постапка, со цел да се утврди дали во нејзиното дејствие имало елементи на занемарување и злоупотреба на детето.
– Таткото и мајката смислиле план таткото да биде посетен од нотар во притвор, со цел тој да потпише полномошно за неговата сопруга да располага со имотот, но и да ѝ даде овластување за изнесување на тринаесетгодишникот надвор од државата. Овој нивен план бил спречен во последен момент, бидејќи надлежните органи ги проверувале намерите на семејството на момчето. Дури и да успее да се најде на слобода, што е малку веројатно во овој момент, момчето не би можело да ја напушти државата – открива соговорникот.
Тој потсетува дека тринаесетгодишникот не одговара кривично, туку дека за него се грижи болничка установа каде го обезбедува полиција. Соговорник објаснува дека оваа заверена хартија на родителите им била важна затоа што за малолетно дете да ја напушти државата неопходна е согласност од двајцата родители.
– Најверојатно планот им бил мајката да се обиде да го извлече момчето масовен убиец од болница. Имено, по делото тој бил сместен во здравствена установа со согласност на неговата мајка која се потпишала. Сепак, мајката може во секое време да ја повлече оваа согласност – додава соговорникот. Според него, тоа не би значело автоматско ослободување на убиецот Коста К.