Гасификација, субвенционирање на граѓаните за враќање кон централното греење, набавка на електрични автобуси, проект за намалување на број на возила по улици „кар шеринг“ (повеќе луѓе во еден автомобил), се мерките за намалување на аерозагадувањето кои планира да ги реализира Владата за справување со проблемот со аерозагадувањето.
Овие мерки денеска ги најави првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, одговарајќи на новинарски прашања во Липково, каде присуствуваше на акцијата на садење дрвца, како дел од проектот за пошумување на деградирано земјиште.
Проблемот не е отсега, но според Меџити, секојдневно се преземаат мерки за намалување на аерозагадувањето. Еден од нив, како што посочи, и денешниот настан за садење дрвја во Липково, во Свети Николе, во Страчинци, во други градови. За министерот за животна средина важно е и справувањето со причините за аерозагадувањето, користењето на секакви средства за затоплување од страна на домаќинствата, а како еден од причинителите е и јавниот транспорт.
– Јас се залагам што побрзо да го отпочнеме процесот за гасификација на Република Македонија, што видно би придонел за ова. Ќе субвенционираме како Влада граѓаните во урбаните средини каде што е најзагадено да се вратат на централно греење коешто е најчисто, воедно во однос на јавниот транспорт дониравме шест автобуси преку ЕУ, но планираме и како Влада да купиме 120 електрични автобуси. Деновиве ќе промовираме и нов проект „кар шеринг“ која е приватна инцијатива, но што придонесува за да се намали бројот на колите и постојано значи ќе бидеме во контакт заедно со вас и со невладиниот сектор да ги изнајдеме најдобрите решенија коишто се возможни во нашава држава, изјави Меџити.
Во однос на потребите за водоснабдување на општина Липково, првиот потпретседател на Владата рече дека во соработката со општината ќе се премостат проблемите со водоснабдувањето.
-Во оваа функција се и парите што ги доделува Владата и се милијарда евра што ќе бидат доделени токму за решавање на реалните и конкретни проблеми во нашите општини бидејќи цениме Македонија е многу централизирана, па со оваа општините ќе имаат повеќе можности за решавање на такви проблеми како што е овој во Липково, па и други проблеми во рамки на Општината, изјави Меџити.
Кар шерингот – во огромен подем во Германија
Според официјалните податоци, бројот на регистрирани корисници на услугата кар шеринг (споделување и повремено користење на автомобили) во 2023 година во Германија пораснал за 22% на дури 5,51 милиони лица.
Паралелно со бројот на корисници, пораснал и бројот на автомобили кои се достапни за оваа услуга на 43.111 возила.
Најголемиот број на корисници се регистрирани во системот free-floating, што значи дека автомобилите од фирмите кои ја нудат оваа услуга може да се подигнат и остават на секое место во одредена област. За разлика од овој, постои уште еден систем, според кој автомобилите мора да се подигнуваат и оставаат во специјално одредени места (станици).
Со кар шеринг моделот, луѓето имаат можност да си обезбедат урбана мобилност, без при тоа самите да поседуваат автомобил, со што го избегнуваат сериозниот финансиски товар за набавката и и одржувањето. Најчесто, преку мобилната апликација, се лоцираат, отклучуваат и стартуваат кар шеринг автомобилите, а потоа сметката се плаќа – најчесто според бројот на изминати километри.