Управата за јавни приходи ги затворила превентивно синоќа сите КАМ маркети во државата. Сепак не станува збор за запечатување на овој ланец маркети како што се прави тоа кога правниот субјект прави некој прекршок, туку поставените жолти ленти биле затворање од превентивен карактер односно од вечерта до утрото за да не се менува фактичката состојба во објектите и документите, за утрово контролата повтoрно да продолжи.
Од УЈП за Фактор потврдуваат дека се уште е во тек контролата на овој ланец маркети откако имаше поплаки за тргање од полиците на залихите на маслото за јадење, прекршок по Законот за заштита на потрошувачите.
Вчера во гостувањето во емисијата Топ Тема на Телма, директорката на УЈП, Сања Лукаревска изјави дека повеќе од 300 инспектори и контролори од УЈП се во инспекциски надзор во 84 објекти на КАМ маркетите заради регистрирани неправилности.
„Во моментов повеќе од 300 колеги од Управата за јавни приходи се во сите подружници на КАМ маркетите, заради утврдени соодветни неправилност“, информираше во Топ Тема, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.
Таа кажа дека акцијата ја спроведуваат инспектори и контролори и други овластени лица.