Во четвртокот попладне, на периферијата на Куманово жена на возраст околу 30 години трчала гола барајќи помош, зашто бега од напад, како што кажала самата, објави порталот САКАМДАКАЖАМ.мк.

Жителите кои ја виделе, кажуваат дека околу 15.30 часот се движела од населбата Карпош кон градот. Кога дошла до првите куќи на улицата Доне Божинов, едно семејство ја прибрало да ѝ помогне.

„Кога дојдов дома ја затеков жената во дворот. Ќерка ми и сопругата ја поливаа со вода, се обидуваа да ја освежат, а таа во агонија зборуваше неповрзано. Беше видно вознемирена и бараше помош. Велеше дека ја нападнале тројца мажи, па едвај успеала да им побегне и да се спаси. Тврдеше дека затоа останала без облеката. Целата беше изгребана по грбот и нозете. Додека бегала се обидела да запре некоја кола, но никој не сакал да ja повезе. Ѝ дадовме ќебе да се покрие, но таа го фрлаше од себе. Викнавме полиција и брза помош, даваше отпор, многу беше потресно“, кажува очевидецот.

Од СВР Куманово потврдија дека настанот е пријавен кај нив, по што полициски службеници излегле на местото и ѝ дале асистенција на медицинска екипа за спроведување на лицето во соодветна установа.

Велат дека се работи на расчистување на случајот, но не дадоа повеќе информации.