Зошто ова истражување – Сите несреќи од катастрофални размери коишто се случуваат во Македонија имаат една заедничка карактеристика која била дел од клучните настани кои довеле до катастрофата, а тоа е следново: Сите се случиле поради запоставување на обврските на оние на кои како заедница сме им дале полна доверба да управуваат со нас и заедничките добра. Запоставувањата предизвикале не само оштетувањето на заедничките пари и имот, туку личната корист толку преовладала, што запоставувањето на должностите отишло во такви размери што довело до чести настани со непотребна смрт и страдања на граѓаните.
Што претставува истражувањето „Убиство во Тетово“? – Истражувањето „Убиство во Тетово“ е истрага за една од најголемите несреќи во историјата на државата со масовен број жртви. Репортерите и истражувачите на ИРЛ повеќе од 7 месеци работеа во Скопје и Тетово и ги собираа и анализираа податоците и документите добиени за овој случај. Во пожарот на 8-ми септември 2021 година 14 луѓе загинаа во тетовската модуларна болница за лекување на болни од КОВИД 19 вирусот. Различни надлежни институции случајот го посочија како несреќа, а причините се лоцираа во избивање на продолжен кабел. Ова истражување ги открива вистинските причини за пожарот коишто не водат низ лавиринт од грешки и пропусти направени од обични службеници до високо профилни лица од сферата на политиката, бизнисот и судството.
За да ги изградат аргументите во ова истражување новинарите добија пристап до 5,455 страници материјал во којшто се распоредени 585 документи. Работата вклучуваше пребарување и истражување на јавните списи, прибирање на документи со помош на свиркачи, теренска работа, разговор со сведоци, прибирање на експертиза и истражување на јавни архиви.
Што открива пристапот на новинарите до документите – Документите прибрани од повеќе клучни институции како Министерството за здравство, Министерството за локална самоуправа, Министерството за труд и социјална политика како и службените белешки добиени од истрагата во тетовското обвинителство вклучуваат досега необјавени информации во јавноста коишто биле клучни за расветлување на причините за пожарот, но останале скриени.
Преку судските службени белешки, искази и вештачења од истрагата коишто ги добивме од извори вклучени во судскиот процес одблиску и прецизно тимот на ИРЛ исцртува јасна слика за процесот на работа на надлежните обвинители. Овие документи ќе покажат дека врз основа на прибраните докази обвинителството имало јасна слика за причините поради коишто се случил пожарот, а се откриваат и пропусти, непотребно одолговлекување и саботирање на истрагата.
Преку протечени документи и е-маил пораки добиени од свиркачи и преку прибирање на тендерската документација по пат на слободен пристап до информации од јавен карактер, новинарите за прв пат прикажуваат нови докази коишто прецизно ја лоцираат законската одговорност за пожарот во клучните институции како Министерството за здравство, но и кај изведувачот на објектот во Тетово.
Што ја прави оваа сторија истражување од висок јавен интерес – Вината за катастрофата во Тетово од 2021 година на различни начини надлежните ја припишаа на несреќни околности. Ова истражување утврдува голем број грешки во дизајнот на проектот од легален и технички аспект, голем број прекршувања на законите и оперативни недостатоци. ИРЛ го испитуваше редоследот на настаните коишто доведоа до катастрофата и утврди проблеми со планирањето и изведбата на проектот, надзорот над проектот и примената на законите – со еден збор огромен број човечки грешки и пропусти се комбинирани во несреќата.
Истражувањето ја нагласува континуираната негрижа на луѓето во институциите на системот, длабоките политички и економски влијанија во државните органи. Особено внимание е посветено на континуираната несоодветност на судската власт да попречат катастрофите од минатото да не се повторат поради неефикасни и несоодветни истраги. Конечно, истражувањето предупредува дека сè уште може да се случи ваква или слична катастрофа.
Пресек на клучните настани и докази
Животите ќе биле спасени доколку се почитувал Законот за градење и Законот за здравствена дејност. Во тој случај ќе се предвиделе соодветни материјали и ќе се дизајнирала соодветна конструкција на минималните технички стандарди за заштита од пожари и експлозии во објект со намена за вршење здравствена дејност. Дел од овие минимални технички барања се поради зголемување на времето на отпорност на оган со цел навремена евакуација.
Германски вештаци и македонскиот вештак електроинженер вистинските причини за пожарот го лоцираат во несоодветната градба и во лошо изведената електрична инсталација.
Електричната инсталација што ја поставил изведувачот БРАКО била направена неправилно и незаконски, без проект и од страна на вработено лице од компанијата без лиценца.
Техничката спецификација којашто ја изработило Министерството за здравство не можела да ги задоволи минималните законски стандарди за безбедност. Лицето кое било одговорно за изработката на техничката спецификација и чиј потпис стои на овој докуметот, Вања Андонова, продолжило да работи како архитект во компанијата БРАКО.
Градбите биле незаконски затоа што Министерството за здравство направило, а Министерството за труд и социјала заедно со претставници на доверителите од Светска банка одобриле набавка за стоки наместо набавка за привремена градба болница, иако сите знаеле со каква намена ќе бидат модуларните објекти.
Засегнатите за да создадат привид дека нема ништо спорно во процедурите, извршило трговија со влијание врз легислативата за лични цели, а на штета на јавниот интерес. Пред пожарот, а откако објектите во голем дел биле и изградени, наместо да се подобрат стандардите, Министерството за транспорт и врски по предлог на владата и иницијатива на Светска банка го промениле Законот за градење по итна постапка со цел овој тип на објекти да ги преместат во урбана опрема.
Девет дена по пожарот, Министерството за здравство и инвеститорот започнале дијалог за дополнување на основниот договор за „подобрување на минималните технички барања со цел зголемување на безбедноста на објектите“ за тековни модуларни објекти кои се граделе по истата спецификација. Анекс договор, спротивно на Законот за јавни набавки, не бил пријавен во Бирото за јавни набавки и до денешен ден не е објавен.
Ревизорски извештај нарачан од министерот Беким Сали открива дека анекс договорот е незаконски бидејќи во фаза на реализација не е дозволено менување на условите утврдени во тендерската документација. Во делот со препораки, тие му наложуваат на Министерството „во иднина при изработка на техничка спецификација да се ангажираат стручни лица“.
Од страна на надзорот ангажиран од Министерството за здравство и од страна на вештите лица во истрагата документацијата која ја имале министерот и обвинителите покажувала недвосмислено дека објектите се супстандардни и дека не обезбедуваат заштита од пожар и експлозии.
Со цел да се скријат вистинските причини за пожарот, ниту министерот за здравство Венко Филипче ниту јавниот обвинител Бесир Алиу и неговиот шеф Љубомир Јовевски, не презеле превентивни мерки за заштита на животите на другите пациенти во останатите модуларни болници изградени на истиот начин и со тоа свесно ги загрозиле животот и безбедноста на граѓаните.
Обвинителите ги тргнале настрана трите вештачења кои ги именуваат причинско-последичните врски за пожарот и нарачале четврто, ново вештачење од Електро-Техничкиот факултет во Скопје. Ова вештачење било спротивно на сите други вештачења и тврди дека објектот бил изграден законски и бил исправен „затоа што истиот имал третман на стока, а не на градба“. Обвинителството не нарачало супер вештачење, туку врз основа на документот од ФЕИТ покренале обвинение против вработени во болницата. Ова вештачење е клучно за обвинителите да не поведуваат постапка против високопрофилни институции и лица. (Ова вештачење го изготвиле проф.д-р Влатко Стоилков и проф.д-р Владимир Димчев)
Обвинителите 9 месеци немале осомничени лица иако имале докази кои ги лоцираат причините за пожарот. По добивањето на вештачењето од ФЕИТ коешто ги иззема од одговорност нарачателот и изведувачот, по два дена обвинителите на колегиум заедно со шефот на државното јавно обвинителство Љубомир Јовески едногласно одлучиле да ги гонат вработените во тетовската болница, односно да покренат случај којшто не е поврзан со причините за пожарот.
Неколку дена по средбата која се одржа во јули меѓу новинарите на ИРЛ и шефот на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази и надлежната обвинителка за случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово Елизабета Јосифовска, истражители од ова обвинителство одземаа документација поврзана со проектот од две министерства – за здравство и труд и социјална политика.
Извор: irl.mk