Граѓаните на Белорусија на референдумот во неделата гласаа за промена на уставот, со кој се одобрува предлогот за откажување од ненуклеарниот статус, пренесоа руските новински агенции.

Овој потег, додава Гардијан, теоретски ќе и дозволи на Русија да постави нуклеарно оружје на белоруска територија за прв пат по распадот на СоветскиотСојуз, а одлуката од референдумот ќе стапи на сила десет дена откако ќе биде објавена во Службен весник, пренесува РИА Новости.

Во саботата, претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, рече дека ако Западот распореди нуклеарно оружје во Полска или Литванија, односно на границите на Белорусија, тогаш ќе побара од неговиот руски колега Владимир Путин да го врати нуклеарното оружје од Минск, од кое Белорусија безусловно се откажа.

Според агенцијата РИА, претседателот на Централната изборна комисија на Белорусија, Игор Карпенко изјави дека за уставните измени гласале 65,16 отсто од гласачите. Западот веќе кажа дека нема да ги признае резултатите од референдумот. Капенко додаде дека 10,07 отсто гласале против уставните измени.

– За промена на уставот гласале вкупно 4.440.813 лица, односно 65,16 отсто од луѓето, а против се изјасниле 686.165 лица, или 10,07 отсто – прецизира Карпенко, пренесе агенцијата ТАСС.

На референдумот излегле 78,63 отсто од гласачите.