Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги има првите кадровски решенија за во Вила Водно. Досегашниот генерален секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров се разрешени од функциите.

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска за „Скопје1“ велат дека нов генерален секретар е Ѓорги Божинов, а заменик Горан Момироски. Божинов, според неговата биографија е правник кој работел на повеќе позиции во Министерството за земјоделие пред да отиде во Вила Водно.

„Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области. Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, соопштиле од кабинетот.

Во однос на други кадровски решенија, јавноста ќе биде навремено известена“, соопштија од кабинетот на Сиљановска.