Вистинското име на Силвана Аременулиќ било Зилха Барјактаревиќ и била родена на 18-ти мај 1939-та година во Добој, БиХ, денешна Република Српска, а била едно од десетте деца во нејзиното семејство.

Додека била дете, таа и нејзиниот брат Хајрудин тешко заболеле од дифтерија, што била мошне смртоносна болест во тоа време. За среќа таа оздравела, но не и нејзиниот брат, поради што нивниот татко Мехмед се свртел кон алкохолот.

Таа си отишла од домот на возраст од 16 години и заминала во Сараево кај тетка ѝ каде почнала да ја гради својата музичка кариера.

Во 1958-ма година, односно на нејзини 19 години, во Лесковац го запознала Тома Здравковиќ, со кого ќе остане блиска пријателка во текот на целиот живот.

На 20 години стигнала и во Белград, каде го земала уметничкото име Силвана, затоа што многу ѝ се допаѓала тогашната популарна актерка Силвана Мангано, а пријателите наводно велеле дека таа мошне наликува на неа.

Сопругот Радмило Арменулиќ го запознала додека пеела во хотелот „Гранд“. Таа во интервјуата велела дека најмногу ја освоил со тоа што додека сите други пиеле алкохол, Радмило пиел сок од малини.

Радмило во интервјуата призна дека криел од родителите и од најблиските дека е во врска со неа, затоа што сметал дека нема да прифатат тој да биде во врска со „кафанска пејачка“. Сепак, неговите родители веднаш ја прифатиле, а му замериле што толку долго криел од нив.

Од бракот со Радмило во 1964-тата година ја добила ќерката Гордана. Нејзина најпозната песна е песната Šta će mi život, што Тома Здравковиќ наводно ја напишал инспириран од нејзиниот живот и ѝ ја посветил.

Во 1972 година Силвана била осудена на шест месеци затвор и добила две години условна казна поради затајување данок. Во тие две години речиси во целост настапувала само во странство, а речиси и да не се појавувала во јавност.

Се обидела и со актерска кариера, па се појавила и во серијата „Камионџии“ и во филмот „Лов на јелене“. Се шпекулирало дека режисерот Драган Лазиќ бил мошне вљубен во неа, но таа не му ја возвратила љубовта.

Баба Ванѓа ѝ ја предвидела смртта. Наводно пејачката ја посетила познатата бугарска пророчица за да ѝ гледа, а Баба Ванѓа ѝ рекла дека не сака да ѝ каже ништо и да се врати по три месеци, ако воопшто успее да се врати.

Силвана настрадала во трагична сообраќајна несреќа во 1976-та година, на возраст од само 37 години. Во автомобилот биле и нејзината бремена сестра Мирјана Барјактаревиќ и виолинистот Раде Јашаревиќ.