8 годишното момче кое настрада од комшиските кучиња, само влегло во дворот прескокнувајќи ја бетонската ограда. Тоа често се играло во нивниот двор и со расните кучиња добро се познавале.
Стравичната слика ја начекал сопственикот на кучињата кога се вратил дома. Извори за Сител велат, тој прво ја здогледал 12 годишната кучка со крв на забите, а веднаш до неа лежело детето облеано во крв. Инцидентот се случил во боксот каде ги чувал кучињата. Тој веднаш ја повикал мајката и заедно го однеле детето во болница.
Не се знае колку долго лежело детето во крв. Директорот на старата градска болница за Сител вели, момчето било примено без знаци на живот. Каснувањето по вратот било кобно за детенцето, погодена била главната артерија.
Не се познати причините зошто момчето влегло во дворот и покрај тоа што сопствениците не биле дома. Инаку според она што може да се забележи од социјалните мрежи, сопственикот со години ги чува кучињата од расата англиски Мастиф, а со нив бил и на бројни натпревари.
Обвинителството издало наредба за обдукција. Кучињата се заловени од шинтерска служба, и допрва ќе се истражува како дошло до трагичниот настан.
Неговото семејство на кратко ни кажа дека се работи за голема трагедија, не сакаа да коментираат како дошло до нападот, но велат тие добро се познавале и се дружеле со соседите. Момчето често играло со кучињата, тој израснал со животни, а и неговото семејство чува дома куче.
Дали потрчал по топка или пак влегол да се игра со нив, обвинителството допрва ќе истражува. Телото на 8 г момче е предадено на обдукција. Истрагата треба да покаже и дали кучињата биле агресивни со беснило.